ПОРАДИ СОБРАНИСКА БЛОКАДА НЕИЗВЕСНО ДОДЕЛУВАЊЕТО НА НАГРАДАТА „МИТО ХАЏИВАСИЛЕВ- ЈАСМИН“ ЗА НОВИНАРСТВО И ПУБЛИЦИСТИКА

    ПОРАДИ СОБРАНИСКА БЛОКАДА НЕИЗВЕСНО ДОДЕЛУВАЊЕТО НА НАГРАДАТА „МИТО ХАЏИВАСИЛЕВ- ЈАСМИН“ ЗА НОВИНАРСТВО И ПУБЛИЦИСТИКАЌе бараме соодветен третман на сите награди, не само за ’Јасмин’, туку и за наградата ’23 Октомври“, вели претседателот на надлежната собраниска комисија Илија Димовски, кој рече дека Министерството за култура доцна го дала предлогот за членови на комисијата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Неизвесно е дали годинава ќе се додели државната награда за публицистика и новинарство „Мито Хаџивасилев- Јасмин“, затоа што уште не се избрани членови на комисијата.

    Од Министерството за култура велат дека тие на почетокот на септември до собраниската комисија за избори и именување, чиј претседател е Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, го испратиле списокот на предложени членови за да се избере Одборот за доделување на наградата.

    Рокот до кој собраниската комисија требало списокот да го врати назад во Министерство бил 31 октомври, за да може, како што е законскиот рок од еден месец, од 1 ноември до 1 декември, Одборот да има време да ги разгледа пристигнатите трудови.

    Повратна информација од собраниската комисија до министерството сè уште не е стигната.

    „Како министерство не можеме да кажаме дали ќе нема добитници оваа година, уште чекаме да ги одобрат новите членови од Комисијата за избори и именувања при Собрание“, изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Министерството.

    Претседателот на собраниската комисија Илија Димовски ни рече дека доцна бил доставен предлогот до Комисијата за избори и именувања за членови на комисијата за избор на наградата „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ и за наградата „23 Октомври“.

    „Веќе беа распишани изборите и според Изборниот законик не смее кадровски решенија да се носат во тој период. За ’Јасмин’ беше доставен предлог, а за комисијата за наградата ’23 октомври’ немаше. Не само ’Јасмин’ и ’23 октомври’ туку останаа незавршени и други работи, како избор на заменици на генералниот секретар на Собранието, и друго, поради политичката криза“, изјави Димовски.

    Тој рече дека ќе побара средба и со министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

    „Ќе бараме соодветен третман на сите награди, не само за ’Јасмин’, туку и за наградата ’23 Октомври“, ни рече Димовски.

    Наградата се доделува на 21 декември, денот на раѓањето на Мито Хаџивасилев-Јасмин.

    Лани наградата ја добија Тони Димков за новинарство и Аљуш Камбери за публицистика.

    На почетокот на октомври, Министерството за култура објави дека нема да се додели државната награда „23 Октомври“, поради блокадата на собраниската комисија за избори и именувања од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

    „Наградата ја доделува Одборот за доделување на Државната награда ‘23 Октомври’, составен од претседател и 12 члена, кој распишува конкурс и донесува одлука за доделување на наградата. Одборот за доделување на наградата имаше мандат до 16 февруари 2017 година. Новата Влада беше формирана на 30 мај 2017 година, а поради претходната блокада на собраниските комисии од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, веќе беа пробиени законските рокови и за конкурсот кој трае од 1 до 30 април“, изјавија тогаш од Министерството за култура.

    Со оглед на тоа дека мандатот на Одборот е завршен, а Комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието во тој период не била формирана, Одделението за доделување на државни награди побарало мислење од Министерството за правда и од Антикорупциската комисија за тоа дали тогашниот одбор, може да ја продолжи својата работа, сè до именување на нови членови. Од двете институции им било речено дека не се надлежни во врска со ова прашање.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира