ПОРАНЕШНИОТ ДРЖАВЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ ФЕХМИ СТАФА УАПСЕН СО 20.000 ЕВРА, ЗЕМАЛ МИТО ЗА ДА ВЛИЈАЕ ВРЗ СУДИЈА ОД АПЕЛАЦИЈА

    ПОРАНЕШНИОТ ДРЖАВЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ ФЕХМИ СТАФА УАПСЕН СО 20.000 ЕВРА, ЗЕМАЛ МИТО ЗА ДА ВЛИЈАЕ ВРЗ СУДИЈА ОД АПЕЛАЦИЈАСпоред Обвинителството, Стафа во периодот од октомври до вчера, 13 декември, примил вкупно 50.000 евра. (архивска фотографија)

    Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа е приведен откако кај него биле пронајдени 20.000 евра, дел од поголема сума која ја земал за да влијае врз судија од Апелациониот суд Скопје. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) донесе наредба за истрага против него за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“.

    Според Обвинителството, Стафа во периодот од октомври до вчера, 13 декември, примил вкупно 50.000 евра. Тој тврдел дека ќе го искористи своето влијание за да интервенира кај апелационен судија за да се укине мерката притвор за лице кое е во бегство, а против кое се води постапка за кривични дела против јавните финансии.

    Експравобранителот првично побарал 100.000 евра за оваа услуга.

    „На 6 октомври 2025 година примил дел од побараниот износ и тоа 30.000 евра, што му ги предала сестрата на лицето во бегство. На 13 декември 2025 година директно побарал и примил уште 20.000 евра како дел од поткупот што го барал за да го даде на судијата“, соопштија од ОЈО ГОКК.

    Веднаш по примањето на втората транша пари, Стафа бил уапсен, а парите биле најдени кај него.

    Јавниот обвинител доставил предлог до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор, поради опасност од бегство, можност за влијание врз постапката или повторување на делото.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира