ПОРТУГАЛСКИОТ ПРЕДЛОГ Е МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ЗА ЕУ, СО ИЗЈАВА ОД БУГАРИЈА ЗА НИВНИОТ СТАВ, ВЕЛИ ДИМИТРОВ

    ПОРТУГАЛСКИОТ ПРЕДЛОГ Е МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ЗА ЕУ, СО ИЗЈАВА ОД БУГАРИЈА ЗА НИВНИОТ СТАВ, ВЕЛИ ДИМИТРОВНемаме мандат да преговараме за македонскиот јазик, во Европа ќе влеземе само како Македонци кои зборувaат македонски јазик, вели Димитров. (Фото: Јутјуб/Влада)

    Вицепремиерот за европски прашање Никола Димитров кажа дека вчерашната изјава на португалската државна секретарка за европски прашања Ана Паула Закаријаш дека „северномакедонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот јазик“ е во целосна спротивност на португалскиот предлог за надминувањето на спорот меѓу Македонија и Бугарија. Димитров кажа дека вчера и тој и министерот за надворешни работи Бујар Османи имале контакти со португалското претседателство со ЕУ и добиле уверување дека изјавата на Закаријаш не го отсликува ставот на Лисабон.

    Како што кажа Димитров, португалскиот предлог предвидува македонски јазик за ЕУ со унилатерална изјава на Бугарија за нивниот став за јазикот.

    „Нејзината изјава и по суштина и по методологија е целосно спротивна на португалскиот предлог за изнаоѓање решение. Изјавата никако не помага во процесот на градење доверба и заедничко разбирање. Контекстот и моментот се крајно сензитивни и ги повикуваме претставниците на земјите вклучени во процесот да се воздржат од какви било квалификации и објаснувања на процесот. Вчера и јас и МНР имавме многу контакти со Лисабон и претставници на португалското претседателство и укажавме на оваа крајна несоодветност. Добивме уверување дека изјавата апсолутно не го отсликува ставот на Лисабон кој останува на линија на португалскиот предлог и беше изразено жалење во оваа смисла“, изјави Димитров, одговарајќи на новинарско прашање, на прес-конференцијата за Националната програма за усогласување со правото на Европската Унија.

    Вицепремиерот објасни дека во предлог-преговарачката рамка во еден параграф се вели дека целото европско законодавство ќе биде преведено на македонски јазик и дека земјата ќе треба да има доволно преведувачи во моментот на зачленувањето. Досега, кажа тој, имаме преведено околу 80 илјади страници од европското законодавство.

    „Прашањето на македонскиот јазик е за нас клучно прашање. Немаме мандат за тоа да преговараме, во Европа ќе влеземе само како Македонци кои зборувaат македонски јазик и го задржуваме правото тоа достоинствено да го браниме. За мене ова беше прилично несреќна изјава. Предлог преговарачката рамка што ја предложи Европската комисија предвидува да остане македонскиот јазик таков каков што е, ‘македонски јазик’ и предвидува унилатерална изјава на Бугарија во однос на нивната позиција. Пристапот на португалскиот предлог е македонски јазик за ЕУ со унилатерална изјава на Бугарија за нивниот став за јазикот“, рече Димитров.

    Вчера премиерот Зоран Заев кажа дека португалскиот предлог е добра основа за решавање на спорот со Бугарија и отстранување на бугарското вето за почеток на пристапните преговори на ЕУ со Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира