ПОТПИШАН АНЕКСОТ ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА РОКОТ ЗА АВТОПАТОТ СКОПЈЕ-ШТИП ДО 30 СЕПТЕМВРИ СЛЕДНАТА ГОДИНА

    ПОТПИШАН АНЕКСОТ ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА РОКОТ ЗА АВТОПАТОТ СКОПЈЕ-ШТИП ДО 30 СЕПТЕМВРИ СЛЕДНАТА ГОДИНАВицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, вршителот на должност директор на Јавното претпријатие за државни патишта,Зоран Китанов и претставникот на Синохидро во Македонија, Фан Јанг денес го потпишаа анексот на договор за изградба на автопатот Миладиновци – Свети Николе –Штип.(Фото:Влада)

    Владата и кинеската фирма „Синохидро“ денес потпишаа анекс на договорот за продолжување на рокот за изградба на автопатот Миладиновци-Штип.

    „Автопатот Миладиновци – Штип согласно претходниот договор требаше да биде завршен до 1 мај 2017 година, но за жал не беше завршен во предвидениот рок. Наша цел е да се заврши оваа делница во легална процедура, Собранието ги донесе неопходните законски измени и дополни, а денес го потпишавме и анекс договорот со кој се продолжува изградбата на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип до 30 септември 2018 година“, рекоа вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески после потпишувањето на анексот.

    Тоа се автопатите што ги гради кинеската компанија „Синохидро“ и кои поради низа спорни моменти на што укажаа дел од незаконски прислушуваните разговори, резултираа со подигнување на обвиненија од Специјалното јавно обвинителство за високи функционери од претходната влада.

    За тендерите со автопатите обвинение поднесе и Специјалното јавно обвинителство. Станува збор за случајот „Траекторија“ во кој поранешниот премиер Никола Груевски и неколку високи владини функционери се сомничат дека проектот незаконски го доделиле на кинеската градежна компанија со што го оштетиле буџетот на Република Македонија за 155 милиони евра.

    Кривичниот суд веќе одреди мерки за претпазливост за поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, кој е еден од обвинетите во „Траекторија“. Но наместо притвор, како што бараше СЈО, на Пешевски му е одземен пасошот и му е наложено секој вторник да се јавува во судот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира