Украинскиот претседател Володимир Зеленски во видеообраќањето на тема „Што после војната во Украина?” пред учесниците на Преспа форумот кој се одржува во Охрид кажа дека евроинтеграциите сега, се историски момент за Европа и европската безбедност.
„Полноправното членство на Украина како и целосната европска интеграција на вашите држави е историско зајакнување на Европа и целосно демонтирање на руската способност да не победи поединечно. Потребен ни е позитивен одговор на нашата и на вашата европска перспектива. Сега е историски момент за Европа и европската безбедност, кога сите треба да одлучат, што е Европа и каква ќе биде Европа во иднина“, рече Зеленски.
Тој кажа дека ова е најстрашниот воен предизвик за Украина и дека украинскиот народ се брани веќе 113 дена од, како што рече, руските амбиции да го уништат украинскиот народ и култура.
Потенцира дека Русија со војната во Украина предизвикува и други нации и региони во Европа.
„Почнувајќи ја оваа војна против Украина, Русија се обиде да направи oтскочна даска за напад врз други нации во Европа. Затоа нашата одбрана во оваа војна е од фундаментално значење за безбедноста на секого во Европа“, кажа Зеленски.
Тој рече дека на Европа и е потребна целосна енергетска независност и обединетост.
„Ние мора да ја направиме Европа конечно обединета. Многу години Русија креира впечаток дека е наводно сигурен извор на енергетски ресурси, но во реалноста направи различни европски земји да зависат од неа. Уште полошо сценарио е со пазарот на храна, при што не само што се зголемуваат цените на основните прехранбени производи, туку се создава и нова мигрантска криза“, потенцира Зеленски.
С. ВРЕНЦОВСКА