Обвинителството ќе ги провери наодите на Државниот завод за ревизија(ДЗР), кој пред една недела утврдил дека биле вложени во Управата за водење матични книги влегле 8,5 милиони евра за дигитализација на матичните книги, а процесот уште не е завршен.
Не само што матичните податоци на граѓаните не се внесени електронски, туку дел од граѓаните добиваат изводи издадени на машина за пишување, вели ДЗР.
„И покрај тоа што дигитализацијата на матичните книги започнала пред повеќе од една деценија, и вложени се над 520 милиони денари, со ревизијата се утврди дека процесот сè уште не е завршен, односно скенирани се 52% од записите, а внесени во електронскиот регистар се 49% од предвидениот обем на активности. Недостатокот на јасна стратегија, контролни механизми и квалификувани човечки ресурси го оневозможуваат подобрувањето на услугите за граѓаните и го зголемуваат ризикот од злоупотреби и губење на податоци од трајна вредност“, предупредуваат ревизорите.
Башка, како што ќе констатираат тие, ваквиот степен на реализација не овозможува поедноставување и забрзување на услугите за граѓаните, ниту пак, доведува до подобрување на квалитетот на податоците што ги користат надлежните институции согласно своите законски надлежности.
„Непостоењето на темелни анализи и јасен акциски план за дигитализацијата на матичните книги довело до зголемување на трошоците, од првично планираните 13,1 милион денари на 157 милиони денари. И покрај ова многукратно зголемување на предвидените трошоци, процесот сè уште не е завршен. Вкупните трошоци за набавка и одржување на електронскиот матичен регистар и дигитализација на матичните книги, од 2012 до денес, изнесуваат 520.952 илјади денари, или приближно 8,5 милиони евра“, се вели во извештајот на ДЗР за Управата за водење матични книги.
Со цел забрзување на постапките за дигитализација на матичните книги, од 2018 до 2024, склучени се 288 договори за дело со 216 лица за „внесување на податоци во електронски матичен регистар во поголем обем“.
„Меѓутоа, е утврдено дека поголемиот дел од ангажираните лица не извршувале активности поврзани со внесување на податоци во електронскиот регистар, туку биле вклучени во извршување на други работни задачи. За овие ангажмани исплатени се средства во износ од 30.578 илјади денари“, ќе го извести ДЗР за ова Републичкото обвинителство.
Со ревизијата утврдено е и дека Управата нема обезбедено соодветни услови за сместување на матичните книги и чување на архивскиот материјал од трајна вредност и на документарниот материјал за истиот да не се оштети, исчезне или уништи.
Управата сѐ уште нема спроведено попис на матичните книги по матични подрачја. Дел од книгите се оштетени, а дел од архивската граѓа од трајна вредност веќе не може да се користи за потврдување на запишаните податоци. Отсуството на упатство за евиденција, чување и спроведување на попис во Управата, не овозможува централизирана евиденција на матични книги и нивна локација, што го зголемува ризикот од нивно оштетување или губење.
Неусогласеноста на законската и под законската регулатива донесена во 2016 година во делот на обрасците, доведува до издавање на изводи на родени на граѓаните со нецелосни податоци и неунифицирани обрасци за сите граѓани.
Исто така, ревизијата констатира недостаток на искусни и квалификувани ИТ човечки ресурси во Управата, што го зголемува ризикот за безбедноста на нејзиниот информациски систем.
„Ненавремено и недоволно документирано управување со корисничките привилегии создава можности за неовластен пристап до лични податоци и коруптивни дејствија“, предупредуваат ревизорите нешто итно да се преземе во Управата.
Има лесен и неевидентиран пристап до просториите на Управата и ноќе, односно 24/7, па така кај личните податоци на граѓаните може да влегува кој сака и кога сака.
„Утврдено е и дека дел од вработените вршат внесувања и измени во електронскиот матичен регистар пред 6:30 часот и по 22 часот, без соодветен надзор. Исто така, во повеќе месни канцеларии се печатат и издаваат изводи од матичните книги и за време на викенди и празници“, предупредуваат ревизорите.
Во Управата недостасува повеќе од 55% искусни и квалификувани човечки ресурси, а намалениот степен на супервизија и контрола на чувствителните работни места дополнително го зголемуваат ризикот од грешки и корупција.
Во подрачното одделение Скопје, каде е и најголем бројот на издадени изводи, не се користи системот „земи бројче“, граѓаните чекаат во редици за поднесување на барања и подигнување на готови документи со што се овозможува настанување на ризик од коруптивно однесување од граѓаните и од вработените на Управата.
С. К. ДЕЛЕВСКА