Ноемвриската плата за вработените во јавното здравство ќе биде повисока за 10 отсто, е договорот од денешниот состанок помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и претставниците на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Зголемувањето е договорено со анекс на Колективниот договор за здравствена дејност, а како што кажа Мицкоски, порастот на платите ќе почне да се применува од ноември, за што работна група со претставници од Министерството за здравство и од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) ќе работи на усогласување на анексот.
„Успеавме со овој анекс на Колективниот договор да ги корегираме коефициентите на вработените во здравството. Се работи конкретно за корекција на коефициентот 0.233 кој во превод значи повисока бруто-плата за сите вработени од 3.650 денари или 2.450 денари во нето-износ. Уште подобра придобивка во делот на овој анекс е корекција на платите од 0.364 за медицинските сестри со средно образование и останатиот средно-медицински кадар кој во превод значи 5.700 денари во бруто или 3.850 денари во нето. Ова значи и поголема мотивација за нашите вработени, а колективниот договор е двостран акт и израз на добра волја“, рече Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Мицкоски кажа дека од март ќе има дополнителни 5 проценти зголемување на паричната маса која се издвојува за плати за здравствените работници.
„Следната 2026 од 5 до 7 проценти, во зависност од тоа во каква состојба и кондиција ќе биде Буџетот, се надеваме дека ќе биде навистина во здрава кондиција и работиме на тоа, зошто да не одиме на горната граница. Истото тоа зголемување од 5 до 7 проценти ќе биде и во 2027, а од 7 до 10 проценти ќе биде во 2028 Кога ќе го земете целиот овој период во низа, добиваме зголемување на паричната маса потребна за да се исплатат платите на здравствените работници за целиот период, помеѓу 45 и 50 проценти“, рече премиерот.
Б. НЕСТОРОСКА