ПОВРЕДЕНИОТ ОХРИЃАНЕЦ НЕКОЛКУ ПАТИ ЈА МЕНУВАЛ ИЗЈАВАТА ОТКАКО ПРВО САМИОТ СЕ ПРИЈАВИЛ ВО ПОЛИЦИЈА, ПА ЗАМИНАЛ ВО БОЛНИЦА

    ПОВРЕДЕНИОТ ОХРИЃАНЕЦ НЕКОЛКУ ПАТИ ЈА МЕНУВАЛ ИЗЈАВАТА ОТКАКО ПРВО САМИОТ СЕ ПРИЈАВИЛ ВО ПОЛИЦИЈА, ПА ЗАМИНАЛ ВО БОЛНИЦАОд отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, именуван по фашистичкиот окупатор на Македонија во Втората светска војна. (Фото: СДК.МК)

    Истрагата за тепачката зад угостителски објект од Охрид што се случи во четвртокот навечер и во која му беше скршена вилицата на Х. П., секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“,  именуван по фашистичкиот окупатор на Македонија во Втората светска војна, засега има само една верзија, таа на тешкоповредениот Х. П., кој изјавил дека поводот бил од омраза што бил Бугарин.

    Уапсен е тепачот, исто така охриѓанец, а неофицијално, се трага по уште двајца присутни на тепачката, кои не го удирале Х. П.

    Бидејќи повредениот, пред да замине со бугарски владин авион на лекување во Софија, постојано ги менувал изјавите околу настанот, Oбвинителството вели дека очекува да се разјасни случајот, со распит на главниот осомничен и останатите сведоци или евентуални учесници. Се очекува да се утврди – дали навистина осомничениот првин во кафеаната го удрил по глава Х. П. и му кажал: „Нели ти е срам да се пишиш Бугарин“.

    Според информации од истргата, пред да се случи инцидентот Х. П. во локалот седел со девојка. Влегле 5 луѓе, меѓу кои и главниот осомничен, се спречкале.

    По таа вербална расправија и меѓусебни пцовки, петмината си заминале, а Х. П. излегол надвор. Во споредна уличка зад локалот биле тројца и еден од нив го натепал и тешко го повредил. Безбедносната камера на угостителскиот објект не работела, но имало снимки од камерите на една од куќите во близината.

    Веројатно сè уште без болки, Х. П. отишол во полиција и самиот го пријавил настанот. Таму кажал дека првин ќе оди в болница, па пак ќе се врати да даде изјава.

    Во меѓувреме, според извори од истрагата, се вжештила линијата Софија – Скопје, па дежурните полицајци отишле да го бараат момчето во болница. Го нашле на Oдделението за уво нос и грло (ОРЛ), каде прво бил третиран. Од Општата болница, поради сериозноста на повредите, лекарите одлучиле да го пренесат во Специјалната ортопедска болница „Свети Еразмо“ , каде бил ставен на интензивна нега и посматрање.

    Откако преноќи таму, вчера бугарски владин авион го зеде и го однесе Х. П. во Софија за таму да се лекува.

    Х. П. на 17 декември лани бил фатен со кокаин, но добил само кривична пријава, а не и мерки за обезбедување присуство. Немал ни забрана за напуштање на Охрид, па сосема легално ја напуштил Македонија, а на аеродромот во Софија беше пречекан од  техничкиот министер за надворешни работи Николај Милков.

    Бугарските медиуми објавија дека неговите повреди не се животозагрозувачки.

    Од Охридското обвинителство нема објаснување зошто за него не биле побарани мерки за обезбедување, иако во Македонија и за поседување неколку грама марихуана обвинителите бараат, а судовите одредуваат притвор.

    Обвинителството вели дека ја објавило првичната верзија од истрагата под притисок на јавноста, сакајќи на Бугарија ѝ покажат дека се транспарентни, особено што случајот со натепаниот осомничен за наркодилерство доби меѓународна димензија. Од таму велат дека за овој случај постојано ќе бидат  во контакт со јавноста, бидејќи е сензитивен, ама допрва се работи на проверка на точноста на изјавата на повредениот, која неколкупати ја менувал.

    „Се бараат докази, по што ќе се знае дали таа изјава на оштетениот ќе опстои, ќе се потврди, или нема да има кривично дело од омраза. Но, за тоа ни треба стабилна изјава, а не еднаш беа двајца, па беа тројца, па петмина, па сам главниот осомничен го тепал. Тие двајца или тројца се важни сведоци за мотивите за нападот и повредувањето на Х. П.“, велат од Обвинителството.

    Главниот осомничен и неговото друштво во полиција биле познати тепачи, пријавувани за нарушување на јавниот ред и мир.

    С. К. ДЕЛЕВСКА  

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира