Пратеничката на СДСМ Мери Лазарова на денешната собраниска седница дојде со маичка со натпис „20 август – Гласам против“ за поддршка на референдумот во Валандово против изградбата на рударскиот комплекс Казандол на три километри од градот. Лазарова, која е од Валандово, ја носи маичката на десеттото продолжение од расправата за разрешување на државниот обвинител Марко Зврлевски.
Активистите од иницијативата „Спас за Валандово“минатата недела реагираа на притисоци и опструкции за престојното референдумско изјаснување против рудници во оваа општина . Билбордите кои сами ги изработуваат и ги поставуваат во градот и населените места преку ноќ биле уништувани, за граѓаните да не се информираат за денот на одржување на референдумот 20 август, ниту пак да се зборува за изјаснувањето, а граѓаните биле заплашувани дека ќе плаќаат по 3.000 евра оштета ако успее референдумот.
„Имаме реакции дека одделни домаќинства биле посетувани и биле заплашувани дека ако излезат на референдумот и евентуално се изјаснат против рудници, ќе морале да плаќаат отштета од 3.000 евра, оти комплексот „Казандол“ веќе се гради и за евентуално стопирање граѓаните ќе морале да плаќаат пенали, што е чиста лага. Никој ништо нема да плаќа. Оваа појава е зачестена по населените места каде се убедуваат граѓаните воопшто да не излезат на референдумот“, велат од „Спас за Валандово“.