ПРАТЕНИЦИТЕ ДА ГЛАСААТ ЗА НОВИТЕ ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА ПРОТИВ ДИСКРИМИНАЦИЈА, ПОВИКА ГРАЃАНСКИОТ СЕКТОР

    ПРАТЕНИЦИТЕ ДА ГЛАСААТ ЗА НОВИТЕ ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА ПРОТИВ ДИСКРИМИНАЦИЈА, ПОВИКА ГРАЃАНСКИОТ СЕКТОРСо законските измени работата на членовите во Комисијата за спречување и заштита од дикриминација ќе биде неспоива со вршење друга јавна функција или членство во политичка партија. (Фото: СДК.МК)

    Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата ги повикува пратениците од сите политички партии да гласаат за новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација.

    Во соопштението до јавноста Националната мрежа вели дека конечно текстот на законот изречно ги содржи сексуалната ориентација и родовиот идентитет како дискриминациски основи.

    „Тоа за нас значи исполнување на едно од основните барања на ЛГБТИ заедницата. Воедно, претставува исполнување на обврските што Република Македонија ги има преземено пред меѓународните и регионалните тела за човекови права, вклучувајќи ја Европската Унија, Совет на Европа и комитетите на Организацијата на Обединетите Нации. Со тоа, државата ќе покаже политичка волја за афирмација на основните човекови права и нивна заштита и промоција“, велат од Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата.

    Според Националната мрежа ЛГБТИ заедницата е една од најмаргинализираните заедници во општеството, која често е мета на насилство и дискриминација, а државата нема ефикасни механизми за заштита и превенција од дискриминација.

    „Комисијата за заштита од дискриминација, особено со последниот состав е непрофесионално и пристрасно тело, кое не ги исполнува ни минималните стандарди за телата за еднаквост. Дури и во очигледни случаи на дискриминација, каде што другите институции и тела за еднаквост утврдиле дискриминација, Комисијата не утврдила. Европската Унија редовно и забележуваше на Република Македонија дека Комисијата е недоволно ефикасна, професионална и независна институција. Од тие причини, новиот закон предвидува формирање на професионализирана и независна комисија за спречување и заштита од дискриминација“, велат Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата.

    Со новото законско решение предвидено е членовите на Комисијата да имаат статус на именувани лица, кои функцијата ја извршуваат професионално и таа ќе биде неспоива со извршување на друга јавна функција или функција во политичка партија или работно место.

    „Критериумите за избор на нејзините членови ќе бидат повисоки во однос на критериумите, кои ги предвидува постоечкиот закон и кои овозможија во комисијата да членуваат лица кои воопшто немаат искуство од областа на човековите права, но имаат искуство во ширење на говор на омраза“, велат од Националната мрежа против хомофобијата и трансфобијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира