Пратениците на СДСМ денеска се собраа пред Министерството за финансии за да побараат оставка од министерката Гордана Димитриеска-Кочоска откако таа вчера дискриминирачки ја навреди нивната сопартијка Славјанка Петровска на седницата за пратенички прашања.
„Министерка која понижува граѓанка на оваа држава, која навредува пратеничка, која шири дискриминација, не заслужува да води министерство, не заслужува да седи во влада која тврди дека работи за сите граѓани. Затоа, денес сме тука, гласно и јасно да побараме – Гордана Кочоска мора да си поднесе оставка. Оставка ќе бараме секој ден додека не си оди од функцијата. Само така може да ги заштитиме граѓаните од идна дискриминација“, рече Јованка Тренчевска на прес-конференцијата.
- ВРЗ ОСНОВА НА ШТО ВИЕ ГИ СТАВАТЕ В УСТА МАЈКИТЕ ШТО ИМААТ ДЕЦА, ЈАС ИМАМ ДВА СИНА И ЗНАМ КОЛКУ ТРОШИ 4-ЧЛЕНО СЕМЕЈСТВО, Ѝ РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА НА ПРАТЕНИЧКАТА ПЕТРОВСКА
- МИНИСТЕРКЕ КОЧОСКА-ДИМИТРИЕСКА, ЈАС СУМ ФАТМИР БИТИЌИ, ТАТКО НА ДВЕ ДЕЦА, ДОСТОЕН ЛИ СУМ ДА ВИ ПОСТАВАМ ПРАШАЊЕ, Ѝ РЕЧЕ ПРАТЕНИКОТ ЗА НЕЈЗИНАТА ТЕШКА ДИСКРИМИНАЦИЈА КОН СЛАВЈАНКА ПЕТРОВСКА
Тренчевска вели дека вчерашните навреди не смеат да поминат како „обична политичка дебата“.
„Министерката за финансии, Гордана Кочоска, упати навреда која погодува длабоко – не само кон пратеничката Славјанка Петровска, туку кон секоја жена, секој човек кој некогаш бил дискриминиран, омаловажен или повреден. Кога министерка во оваа држава ќе се осуди да каже дека една жена не може да зборува за семејството само затоа што нема деца, тогаш тоа не е само навреда. Тоа е удар врз достоинството на сите нас. Тоа е ароганција, тоа е дискриминација, тоа е нечовечност“, додаде пратеничката на СДСМ.
Петровска најави дека ќе поднесе претставка до Комисија за спречување и заштита од дискриминација поради тоа што министерката за финансии упатила лични напади кон неа. Таа смета дека намерата била да биде омаловажена затоа што нема деца и семејство.
Денеска, одговарајќи на прашање на прес-конференција во Владата на која соопшти за рекорден износ странски инвестиции лани, министерката Димитриеска-Кочоска рече дека немала никогаш намера да навреди никого и оти оваа тема за неа е затворена.
„Во однос на ова прашање и вчера бев многу јасна, но еве денес да го заокружиме и јас очекувам со ова за мене да биде затворено. Веќе изразив жалење за целиот контекст, но и самите сте свесни дека народот има поважни теми од лажната тема која ја создаваат за дефокус. И таа самата го знае тоа, ама вака сега ѝ чини да изиграва жртва“, рече Димитриеска-Кочоска, читајќи однапред подготвена изјава.