Непосредно пред да му биде поведена дисциплинска постапка дека сомнително повлекол четири обвиненија и пред да биде суспендиран и оддалечен од работното место, обвинителот Јове Цветановски од Вишото јавно обвинителство Скопје, ја блокирал Дисциплинската комисија која му поведе постапка.
Ова Цветановски го направил според правилник за поднесување дисциплинска одговорност на обвинители, кој дозволува и конфликт на интереси, да ја блокира комисијата тој што гледа дека е истражуван и дека против него ќе се поднесе постапка. Така, пред да му биде отворена постапка, Цветановски му поднел дисциплинска постапка на колега – член на Дисциплинската комисија која треба да го разгледува неговиот случај.
Според правилникот, пријавениот не смее да биде член на Дисциплинската, на негово место итно треба да се избере нов. Треба да се избере нов член на Дисциплинската комисија за да биде комплетна и да го разгледува случајот на Цветановски и на останати што имаат дисциплинска постапка. Но, привремената раководителка на Вишото јавно обвинителство Скопје Наташа Крстевска-Цалева која е во оставка, не свикува состанок за да избере нов претставник од ова обвинителство во Дисциплинската комисија, на местото на обвинителот што го пријави Цветановски.
Така, и покрај соопштенијата на државниот обвинител Љупчо Коцевски дека по извршените контроли во Вишото јавно обвинителство Скопје биле најдени неправилности и незаконитости, и покрај тоа што јавно беше кажано дека против шефот Мустафа Хајрулахи и неговиот поранешен заменик Јове Цветановски се отворени дисциплински постапки и тие се суспендирани, во Дисциплинската комисија не се случува ништо.
Прашавме во државното обвинителство што се случи по двете суспендирања и зошто нема исход за постапките на Хајрулахи и Цветановски – дали се тие виновни или не се.
„Комисијата за утврдување одговорност на јавен обвинител за сторена дисциплинска повреда ќе се состане откако ќе биде донесена одлука во поведена постапка за престанок на мандатот на еден од членовите на Дисциплинската комисија. Имено, еден од јавните обвинители против кои е поведена дисциплинска постапка (Јове Цветановски н.з.), во периодот додека беше заменик на Вишиот јавен обвинител (Мустафа Хајрулахи н.з.) определен со годишен распоред, иницираше дисциплинска постапка против членот на Дисциплинската комисијата од Вишото јавно обвинителство Скопје. Согласно чл.4 став 7 од Правилникот за спроведување на дисциплинската постапка, мандатот на избран член на Дисциплинската комисија му престанува и пред времето за кое е избран, ако против него е поднесен предлог за поведување на дисциплинска постапка согласно одредбите од Законот за јавното обвинителство“, се вели во одговорот на Дисциплинската комисија.
- ПО ШЕФОТ НА ВИШОТО СКОПСКО ОБВИНИТЕЛСТВО МУСТАФА ХАЈРУЛАХИ, НА РАБОТА НЕ СМЕЕ ДА СЕ ПРИБЛИЖИ НИ ОБВИНИТЕЛОТ ЈОВЕ ЦВЕТАНОВСКИ, ЗАШТО ПОВЛЕКУВАЛ ОБВИНЕНИЈА СРЕДЕ ЖАЛБЕНИ ПОСТАПКИ
- ГРУПА ВРАБОТЕНИ ГО ПРИЈАВИЛЕ ШЕФОТ НА СКОПСКОТО ВИШО ОБВИНИТЕЛСТВО МУСТАФА ХАЈРУЛАХИ ЗА МАЛТРЕТИРАЊЕ, ШТИПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ОТВОРИ ИСТРАГА, А КОЦЕВСКИ ГО СУСПЕНДИРАШЕ
Оттаму ја кажуваат и процедурата понатаму, но и дека Крстевска-Цалева не свикува колегиум за да се делегира нов член во Дисциплинската комисија за да може да работи и одлучува. Не свикува ни по барање и ургенција од Генералниот секретар на Јавното обвинителство и од претседателот на Дисциплинската комисија.
„По ова, Колегиумот на Вишото јавно обвинителство Скопје треба да констатира престанок на мандатот на членот во Дисциплинската комисија, како орган кој што го избира членот, и да избере нов член за Комисијата да може да постапува во полн состав. Јавната обвинителка која Советот на јавните обвинители во меѓувреме ја определи да раководи со Вишото јавно обвинителство Скопје до овој момент, и покрај доставеното барање и ургенција од Генералниот секретар на Јавното обвинителство и од претседателот на Дисциплинската комисијата, нема свикано стручен колегиум за избор на нов член“, се вели во одговорот.
Ја прашавме Крстевска-Цалева зошто ја блокира работата на Дисциплинската комисија и не свикува колегиум за да се избере нов член од редот на обвинителите од ВЈО Скопје. Сакавме да ја прашаме и дали има притисоци и од кого.
„Не сум овластена да изнесувам податоци во јавноста“, ни кажа раководителката на Вишото Скопско обвинителство, делегирана од јануари да биде само привремена раководителка додека Советот на јавни обвинители не одлучи за Хајрулахи против кого е отворена и истрага и не избере Виш јавен обвинител на Скопје.
С. К. ДЕЛЕВСКА