ПРЕД ДЕСЕТ ГОДИНИ ИМАШЕ ПО 30 РЕКОНСТРУКЦИИ НА ГРАДИ ГОДИШНО ПОРАДИ РАК, ДЕНЕС ИМА ПО 150, НАЈМЛАДА Е 27-ГОДИШНА ПАЦИЕНТКА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА КЛИНИКАТА ЗА ПЛАСТИЧНА ХИРУРГИЈА

    ПРЕД ДЕСЕТ ГОДИНИ ИМАШЕ ПО 30 РЕКОНСТРУКЦИИ НА ГРАДИ ГОДИШНО ПОРАДИ РАК, ДЕНЕС ИМА ПО 150, НАЈМЛАДА Е 27-ГОДИШНА ПАЦИЕНТКА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА КЛИНИКАТА ЗА ПЛАСТИЧНА ХИРУРГИЈА„Реконструкциите се под Фондот, а ги работи Клиниката за пластична хирургија“, рече директорката д-р Ѓоргиевска-Павловска. (Фото: МИА)

    Ако пред десетина години имаше по 30 пациентки годишно кои ставале имланти на градите, сега годишно реконструкција на града прават од 120 до 150 жени, која е под товар на Фондот за здравстено осигурување (ФЗОМ), рече денеска д-р Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, директорка на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, на трибината „Карцином на дојка“  во организација на Здружението ХЕМА-ОНКО.

    Д-р Ѓоргиевска-Павловска пред почетокот на трибината изјави дека сега постојат и 20-годишни пациентки кои доаѓаат за реконструкција на дојка.

    „Иако претходно жените над 40 години беа со поголем ризик да заболат од карцином на града, сега имаме и жени над 20 години кои доаѓаат за реконструкција. Реконструкциите се под Фондот, а ги работи Клиниката за пластична хирургија. Реконструкцијата може да се направи со сопствено ткиво кое што може да биде од стомак или од грб, само тука е малку пообемен тој оперативен зафат и остануваат видливи лузни. Реконструкцијата со импланти и со експандери е многу поедноставна и за лекарот и за пациентите, затоа што се оди преку лузната која што веќе е направена од претходниот оперативен зафат“, кажа таа.

    Според директорката, најмлада пациентка која реконструирала дојка е на 27-28 годишна возраст.

    „Јас имам пациентки кои се мастектомирани на двете страни. Тие имаат накај 50 години, но првата мастектомија им била на 33/34-годишна возраст. Ние имаме соработка со Клиниката за торакална хирургија, каде што примарната реконструкција се одвива речиси дневно“, кажа Ѓоргиевска-Павловска.

    Д-р Валентина Бојовска-Трајановска, специјалистка по онкологија, рече дека во целиот третман многу е важна и самата психолошка и психофизичка состојба на пациентките.

    „Многу е важно како дел од целиот третман во каква психолошка и психофизичка состојба се самите пациенти. Дојките се едни од најважните органи за секоја жена и секоја загуба на дојката е голема траума. Во соработка со Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија се прават се подобри реконструкции. Имам видено прекрасни дојки, многу поубави отколку оние што пациентката ги имала претходно. Дури, колегите се насочени кон тој дел, па се прават и посебни реконструкции и на другата дојка, за тие дојки да добијат убава симетрија“ рече Бојовска-Трајановска, додавајќи дека се зголемува бројот на помладите пациенти.

    Нејзината најмлада пациентка имала неполни 23 години.

    На новинарско прашање за предвидениот буџетот во однос на примарни и секундарни реконструкции на дојка на пациентите со рак на дојка, директорот на Фондт за здравство, Сашо Клековски рече дека се предвидува заеднички буџет за Клиника за торакална хирургија и Клиника за пластична хирургија, а таргетот ќе биде 120 до 150 операции годишно.

    „Во оваа година предвидовме заеднички буџет за двете клиники – Клиника за торакална хирургија и Клиника за пластична хирургија, за примарни и секундарни реконструкции на дојка. Таргетот е 120 до 150 операции годишно, а во финансии ќе бидеме флексибилни во зависност од тоа колку пациенти ќе се појават“, изјави Клековски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира