Филип Рикер, в.д. помошник државен секретар на САД, кажа дека предложениот Закон за Јавно обвинителство, кој е услов за почнување на преговорите со ЕУ, е добра основа и ја повика опозицијата да биде конструктивна и да се вклучи во процесот на неговото усвојување.
„Ја подвлековме важноста на Законот за Јавно обвинителство, имаме добра основа во предлогот. Се надевам дека процесот ќе се заврши брзо заедно со опозицијата, ова е одличен момент за сите да се здружат. Треба да ѝ се покаже на јавноста дека владеењето на правото е клучно за земјата и никој не е над законот“, кажа Рикер на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Зоран Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање што ќе му каже на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицоски, Рикер рече дека неговата порака ќе биде дека времето на политички игри е поминато.
„Како и во секоја вистинска демократија, улогата на опозицијата е клучна, но таа улога треба да биде конструктивна. Времето за политички игри е поминато, време е да се придвижат работите за доброто на земјата. Законот за Јавно обвинителство мора да се придвижи, а неговото усвојување сега ќе значи дека тоа веќе нема да биде прашање и ЕУ ќе може да ги почне преговорите наесен. Има силна поддршка за ова и ја поттикнувам опозицијата да се придвижи кон поблескава иднина. Граѓаните сакаат ова да се реши и времето да се одолговлекува ова од страна на опозицијата треба да заврши“, кажа Рикер.