ПРЕГОВАРАМЕ ЗА ГРАНТОВИ ЗА НОВИ ТЕРАПИИ ЗА ХИВ И ХЕПАТИТ Ц, КАЖА МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ

    ПРЕГОВАРАМЕ ЗА ГРАНТОВИ ЗА НОВИ ТЕРАПИИ ЗА ХИВ И ХЕПАТИТ Ц, КАЖА МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕПитер Сендс, извршниот директор на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, туберкулоза и маларија, кажа дека другите земји од Југоисточна Европа треба да учат од Македонија како да ја држат ниско преваленцата на ХИВ, и дека затоа е избрана да биде домаќин на 39 борд на организацијата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерството за здравство преговара со донаторите од фондацијата „Отворено општество“ од Њујорк о од фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс за да обезбеди грантови за набавка на нови терапии за заразни болести, особено со хепатит ц, за кој во моментов во нашата држава не се дава терапија. Ова го кажа министерот за здравство Венко Филипче, по отпочнување на првиот министерски состанок на министрите за здравство од Југоисточна Европа, што денес се одржува во Скопје.

    Освен министерскиот состанок, Македонија денес е и домаќин на 39 борд на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, туберкулоза и маларија, односно меѓународната организација која од 2003 година до лани ги финансираше превентивните програми за заштита од овие болести. Македонија годинава за прв пат го презеде целокупното финансирање на програмите за заштита од ХИВ и туберкулоза, односно од буџетот на државата се одвоени 90 милиони денари за набавка на потребната терапија и за превентивните програми, кои ги спроведуваат 15 граѓански организации.

    „Овие превентивни програми Министерството за здравство ги внесе во своите годишни програми и ги имплементира во соработка со граѓанските организации кои работеа на ова поле. Со ова сакаме да покажеме дека граѓанските организации ни се сериозен партнер во имплементирањето на програмите, за кое имаат искуство и знаење, а ги знаат и информациите што им е потребно на крајните корисници. Следната година ќе работиме уште повеќе во изнаоѓање на уште повеќе средства во имплементирање на овие превентивни програми, бидејќи сметаме дека е исклучително важно да ја држиме ниско преваленцата на ХИВ за многу ранливи групи кои ги покриваме со овие програми“, рече Филипче.

    Тој кажа дека лекови за лицата со ХИВ статус има доволно и дека Македонија е во групата земји со ниска преваленца, односно во групата земји кои оваа болест ја држат под контрола.

    „Станува збор за стабилна ситуација и сме во групата на земји што оваа болест ја држиме под контрола. Суштината на овој состанок е на кој начин да го задржиме тоа ниво и новонастаната ситуација во која државата ги презема обврските за финансирање. Не сакаме овој транзициски период да излезе од контрола и ова е регионален состанок, оти земјите од нашиот регион исто така го поминуваат овој транзиционен период во следната година што доаѓа и сакаат да учат од нашите искуства. Но, истовремено разговараме како ќе ја трансформираме соработка со Глобалниот фонд“, рече Филипче.

    Според податоците од Институтот за јавно здравје лани се регистрирани 39 новоинфицирани со ХИВ, од кои 35 се носители на вирусот, а четворица се заболени од СИДА. Смртен случај од СИДА лани не е регистриран.

    Питер Сендс, извршен директор на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, туберкулоза и маларија, кажа дека економски е поисплатливо државите да вложат во превенција, отколку потоа да трошат на скапи терапии за овие болести и дека тоа е неговата порака на министерскиот состанок, на кој учествуваат министрите за здравство од Македонија, Србија, Бугарија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Молдавија и Романија. Тој кажа дека Македонија ја одбрале да биде домаќин на бордот на Глобалниот фонд токму поради тоа што таа е пример како треба државите да го менаџираат овој проблем, со преземање на целосното финансирање и со активно учество на граѓанскиот сектор.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира