Претседателот на Собранието, Африм Гаши, е во стабилна состојба откако вчера бил хоспитализиран на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија во Скопје, потврдија од неговиот кабинет.
Според соопштението, Гаши е во стабилна здравствена состојба и во моментов се вршат детални лекарски прегледи за да се утврди точната дијагноза.
„Во врска со информациите објавени во медиумите за здравствената состојба на Претседателот на Собранието на Северна Македонија, г. Африм Гаши, ја информираме јавноста дека тој вчера беше хоспитализиран на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија. Здравствената состојба на г. Гаши е стабилна, а во моментов се вршат детални лекарски прегледи“, се наведува во соопштението од Собранието.
Министерството за здравство околу 16 часот соопшти дека Гаши е во стабилна здравствена состојба.
„Тој околу полноќ бил хоспитализиран на Клиниката за дигестивна хирургија со болки во стомакот и веднаш му се направени потребните радиолошки и лабораториски испитувања, утврдена е интестинална опструкција на тенко црево. Задржан е на болничко лекување и е под постојан лекарски надзор. Во моментот е на конзервативен, медикаментозен третман, без поставена индикација за оперативно лекување“, соопшти Министерството.
Гаши во понеделникот имаше средба со новинарите, на која беше видливо ослабен, но одговараше на прашања и беше во добра општа состојба. Од неговиот кабинет најавија дека сите понатамошни информации ќе бидат навремено доставени до јавноста.