Во Судскиот совет официјално нема стигнато поплака за неовластено снимање на денешното рочиште за случајот „Фабрика за афери“ во Основниот суд во Скопје, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК, Зоран Караџовски, претседател на Судскиот совет. Тој вели дека ако тоа навистина се случило, бидејќи нема официјална информација и коментира со доза на резерва, судијката постапила како што треба.
„Се знае кој е главен во судница. Тоа е судечкиот совет и судијата. Се знае како се постапува по законот за кривична постапка, кој дава дозволи за снимање и како може да се снима во судница“, изјави претседателот на Судскиот совет Караџовски откако тројца припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска неовластено го снимале рочиштето во кој првообвинет е Захир Беќири, познат по прекарот Чауш.
Полицајците престанале со снимањето по жестоката реакција на судијката Гордана Спиревска, која им наредила да ги избришат снимките.
Претседателот на Судскиот совет вели дека до него не мора ни да стигне поплака, оти судијката што го води предметот самата си го решила проблемот и правилно постапила кога им забранила на неовластени лица да снимаат со камера.
Едно од лицата од МВР што денеска снимале во судницата одговорило дека наредбата за снимање на рочиштето му ја дал надлежниот старешина.
Тројцата припадници на МВР останале да го следат рочиштето. За нивното присуство во судницата Караџовски вели: „Судењата се јавни и присуството на публика е дозволено за сите“.