ПРИЈАТЕЛИТЕ СО ПОДДРШКА ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ, САМО ИВАНОВ ЌЕ БОЈКОТИРА ОД АМЕРИКА

    ПРИЈАТЕЛИТЕ СО ПОДДРШКА ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ, САМО ИВАНОВ ЌЕ БОЈКОТИРА ОД АМЕРИКАУчесниците на процесот „Брдо-Бриони“ со видеопораки ги повикаа македонските граѓани да излезат на претстојниот референдум на 30 септември и да гласаат за својата иднина; - Од состанокот во Македонија на 27 април годинава (Фото: Претседател на РМ)

    Шефовите на држави учесници во Процесот Брдо-Бриони, претседателите на Хрватска и Словенија, Колинда Грабар Китаровиќ и Борут Пахор, премиерот на Бугарија Бојко Борисов и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск ги повикаа македонските граѓани да гласаат на референдумот за името. Само нивниот колега, македонскиот претседател Ѓорге Иванов кој речиси две недели ќе престојува во САД , од таму испраќа пораки дека ќе го бојкотира гласањето.

    Учесниците на Процесот Брдо-Бриони со видеопораки ги повикаа македонските граѓани да излезат на претстојниот референдум на 30 септември и да гласаат за својата иднина.

    Хрватската претседателка Китаровиќ со видеопорака на македонските граѓани им порача дека припаѓаат на семејството на ЕУ и НАТО.

    „Ова е можност да придонесете кон целокупната стабилност и напредок во Југоисточна Европа. Одлуката е Ваша и само ваше право, ние Ве поддржуваме со сите ваши напори. Вие припаѓате во семејството на ЕУ и НАТО“, рече Китаровиќ во видеопораката.

    Пред поддршката на Китаровиќ, со видеопорака се јави и претседателот на Словенија, Борут Пахор, кој рече: „Верувам дека ќе сакате да донесете одлука со која Македонија ќе биде отворена за иднината. Ние навиваме за вас, се надеваме на најдоброто. Честитки за Македонија“.

    Бугарскиот премиер Бојко Борисов по ратификацијата на Договорот од Преспа ѝ честиташе на Македонија, оценувајќи дека тој чекор е „храбар и претставува пресврт“.

    „Следните денови се клучни не само за Македонија, туку и за Западен Балкан. Ги повикувам сите пријатели од ЕУ да учествуваат во напорите со цел постабилна и побезбедна Европа“, напиша Борисов на Твитер.

    И претседателот на Европскиот совет Доналд Туск на македонски јазик преку Твитер ги повика граѓаните на Македонија да гласаат на референдумот и да не ја пропуштат шансата која им се нуди.

    Главната цел на Процесот Брдо-Бриони е европска интеграција на земјите од регионот и стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.

    Преседателот Иванов со сопругата Маја од земјава заминаа уште на 20 септември и не е најавено кога ќе се вратат дома. До сега тој се среќава само со претставници на националистичките крила на дијаспората, а на 27 септември треба да зборува во ОН; – Од свечената вечера во Детроит (Фото: Фејсбук)

    Претседателот на државата Ѓорге Иванов на 27 април треба да се обрати на Генералното Собрание на Обединетите нации во Њујорк. Тој од земјава замина уште на 20 септември и не е најавено кога ќе се врати дома. До сега се среќава само со претставници на националистичките крила на дијаспората. На вечерата во Детроит дури не беше истакнато ни македонското знаме. Шефот на државата седеше на главната маса зад која беше аплицирано старото македонско знаме со шеснаесеткракото сонце од Кутлеш во Егејска Македонија.

    Иванов на собирот на иселениците организиран од Обединетата Македонска Дијаспора во Детроит рече: „На 30 септември нема да излезам да гласам. Два пати ја добив довербата на граѓаните за да не дозволам промена на Уставот со цел промена на уставното име, да не прифаќам идеи и предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот“.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира