Во период од една недела, од 3 до 9 јануари, пријавени се 946 реинфекции со ковид-19, што е зголемување од седум пати во однос на претходната недела, соопшти Министерството за здравство. Оттаму велат дека според направеното секвенционирање на 152 позитивни примероци на коронавирус во изминатите шест дена, кај 104 од нив е откриен сојот омикрон, што претставува 68 отсто од заразените.
Омикрон сојот е откриен во 12 градови и тоа: Скопје – 48, Охрид – 27, Кочани – 7, Тетово – 6, Велес – 5, Пехчево, Штип, Гевгелија, Кавадарци по 2 и Виница, Неготино, Битола по 1 заразен.
Согласно анализите на Институтот за јавно здравје, во период од една седмица за 51%, е зголемен бројот на позитивни од тестирани на коронавирус. Регистрирани се заболени лица од сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст од 30-39(27%), 20-29(24%) и 40-49(17%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9(2%). Најголемо зголемување на заболени е кај возрасната група од 20-29 години како и кај возрасната група од 30-39 години.
За 41 отсто е зголемен и бројот на хоспитализирани пациенти со ковид-19. Според извештаите од болниците, моментално на територија на цела држава се хоспитализирани 351 лице. 156 од нив се во Скопје, а во останатите болници низ државата хоспитализирани пациенти има во Битола, Штип, Велес, Куманово, Охрид, Прилеп, Струга, Кичево, Кавадарци и Струмица.
Зголемен е бројот на дневни прегледи во инфективните одделенија низ болниците во државата, бројот на прегледи на дневно ниво понекогаш во болниците во Скопје надминува 100 пациенти.
Според епидемиолошките анкети најголем дел од пациентите имале контакт со позитивен случај три дена пред почетокот на симптоми/добивање на позитивен резултат. Министерството за здравство, апелира граѓаните кои чувствуваат какви било симптоми, да направат тест и да се изолираат како би спречиле ширење на вирусот.