Министерот за здравство Арбен Таравари, кој денес не го презеде Министерството за здравство поради инцидентотот во кој беше пукано во ексминистерот Никола Тодоров, изрази жалење поради немилиот настан.
„Денес требаше да се видиме со господинот Тодоров во 12.30 часот, меѓутоа се случи тоа што се случи. Многу сум среќен дека тој и целиот негов тим се здрави и живи и добри и не се воопшто повредени. Примопредавањето ќе го направиме кога тие ќе бидат подготвени, ќе ми се јават и ќе одиме. Јас не сакам да инсистирам и да ги притискам. Кога ќе заврши целиот увид и целата процедура ќе одима таму и ќе поразговараме со Тодоров”, рече Таравари.
Тој објасни дека денес планирал по преземање на Министерството за здравство првата средба да му биде со новото раководство на Лекарската комора, и со тоа да ја испрати следнава порака.
„Основата и базата зошто постоиме ние како доктори се пациентите и тие се најбитното во здравството. Но, во секој здравствен систем имате незадоволни пациенти, ако имате незадоволни доктори. За жал докторскиот еснаф последните неколку години се чувствува фрустрирано и подолг период се дискутира дека има Закон за заштита на пациенти, но не и Закон за заштита на доктори. Дојдов во лекарската комора да им кажам дека стојам на располагање, и еднаш месечно ќе имаме редовни средби. Тоа ќе биде последниот петок во месецот. А од понеделник ќе ги поканам и здруженијата на пациенти и отворени сме максимално за сите пациенти и заедно со комората да изградиме нов систем на меѓусебна доверба меѓу пациентите и лекарите и да имаме квалитетн здравствен систем“, рече Таравари.