ПРИТВОР ЗА КАПУШЕВСКИ, ДОМАШЕН ПРИТВОР ЗА СОПСТВЕНИКОТ НА „ПУЦКО ПЕТРОЛ“, СЕ ТОВАРАТ ДЕКА ГО ОШТЕТИЛЕ БУЏЕТОТ ЗА 167 МИЛИОНИ ЕВРА

    ПРИТВОР ЗА КАПУШЕВСКИ, ДОМАШЕН ПРИТВОР ЗА СОПСТВЕНИКОТ НА „ПУЦКО ПЕТРОЛ“, СЕ ТОВАРАТ ДЕКА ГО ОШТЕТИЛЕ БУЏЕТОТ ЗА 167 МИЛИОНИ ЕВРАКако што соопштија од Обвинителството во периодот на 2021 – 2023 година двајца осомничени, во својство на основачи и управители на кривично одговорното правно лице свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино поднеле невистинита документација. (Фото: Фејсбук)

    Одреден е притвор за Ратко Капушевски генерален директор на фирмата РКМ за трговија со енергенси и нафтени деривати за злоупотреби во набавки на мазут и перење пари. За Асмир Јахоски, сопственик на компанијата „Пуцко петрол“ судија на претходна постапка вечерва одреди мерки домашен притвор.

    „По прoизнесување на јавниот обвинител и осомничените во присуство на нивни бранители, во однос на предложените мерки, како и ценење на приложените факти, Судот го прифати предлогот на Јавниот обвинител со кој на Р.К., А.М. и Е.С. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, заради постоење на опасност од бегство и околности кои укажуваат дека ќе ја попречи истрагата со влијание на сведоци. Во однос на осомничениот А.Ј., по произнесување на осомничениот пред судија на претходна постапка, јавниот обвинител се согласи за  промена на  предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од судијата на претходна постапка“, соопштија од Кривичен суд.

    За останатите 7 осомничени кои беа спроведени во судот, судијата го прифати предлогот на јавниот обвинител и донесе решениja за определување на мерки за претпазливост.

    По повеќемесечна предистражна постапка во предмет што во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција беше оформен по иницијатива на ДКСК, а по кој по наредби на Обвинителството постапуваше Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во текот на вчерашниот ден и денес беше спроведена акција. Во акцијата што под раководство на јавен обвинител се спроведуваше на повеќе локации во Скопје, Велес и Кичево се лишени од слобода 11 лица, едно лице е во бегство, а едно е во притвор.

    Како што соопштија од Обвинителството во периодот на 2021 – 2023 година двајца осомничени, во својство на основачи и управители на кривично одговорното правно лице свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино поднеле невистинита документација. Со намера да го изиграат договорот не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата остварувајќи корист од големи размери за кривично одговорното правно лице, а на штета на државниот буџет во вкупен износ од 10.304.324.094 денари или околу 167.549.985 евра.

    „Во намерата со умисла им помогнале осомничените вработени во АД Електрани на Северна Македонија – Скопје, кои се наоѓале на високи позиции од генерален директор и директори на сектори до претседатели и членови на комисии поврзани со јавни набавки, спроведувајќи постапки за јавна набавка на мазут спротивно на Упатството за начинот на спроведување на јавните набавки во АД ЕСМ. Со непочитување на начелата на сразмерност, конкуренција, еднаков третман и недискриминација на економските оператори, иако знаеле дека правното лице не ги исполнува бараните критериуми за носител на јавната набавка, помогнале да се склучат Договори за јавна набавка во корист на истото и му овозможиле да испорачува мазут се до 24.02.2023 година“, велат од Обвинителството.

    Од Обвинителството велат дека паричните средства кои осомничените ги прибавиле со кривичното дело, а кои претставуваат противправно остварена имотна корист од спроведена постапка по јавен повик на АД Електрани Северна Македонија – Скопје, во периодот од месец декември 2021 година до месец април 2023 година ги пуштиле во промет, промениле и пренеле на друг со цел да се прикрие изворот на потеклото. Со дел од средствата купиле две моторни возила „мерцедес бенз“, дел ги трансферирале на своите сметки во разни банки, а потоа ги подигале во готовина. Воедно, врз основа на договор за посредување и Анекс кон договорот, склучен помеѓу осомниченото правно лице и осомничен сопственик на правно лице со иста дејност, во два наврати биле префрлени средства во вкупен износ од 72.000.000  денари за наводно извршени работи согласно договорот кој претставувал само привидно средство за вршење на предметните трансакции. Осомничениот така примените парични средства, свесен за нивното потекло со цел да ја прикрие нивната локација ги трансферирал по основ на ,,позајмица’’ кон своето правно лице.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира