Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и МВР фатија маж кој по 9-годишна брачна врска присилно ја терал сопругата на проституција за тој да си купува дрога со парите, а потоа ја претепувал и горел со цигари по телото. Тој е уапсен, како и уште 3 лица кои сексуално ја експлоатирале жената и на нејзиниот сопруг му плаќале за тоа, а се трага по уште двајца вакви мажи. Осомничени се за кривично дело Трговија со луѓе.
Предметот бил оформен во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Тетово во ноември минатата година, кога на првоосомничениот му била изречена мерка притвор поради семејно насилство. По преземените истражни дејствија, било утврдено дека станува збор за Трговија со луѓе, по што предметот бил преземен од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
„Првоосомничениот во текот на деветгодишна брачна заедница со жртвата, ја злоупотребил својата положба и со својата сопруга постапувал на особено понижувачки и суров начин, воспоставувајќи целосна контрола врз неа. Тој, со употреба на сила и сериозна закана, извршувал физичко и психичко насилство над неа, континуирано нанесувајќи ѝ телесни повреди и заканувајќи се по нејзиниот живот и животите на членовите на нејзиното семејство, по што започнал да ја принудува на сексуална експлоатација по пат на проституција заради стекнување на парична корист и наркотична дрога“, го опишува обвинителството суровото експлоатирање на жртвата.
Претставувајќи ја како своја пријателка, сопругот во периодот од септември 2023 година до 20 ноември 2024, безброј пати ја принудил својата сопруга да дава сексуални услуги во угостителски објекти во Тетово и Гостивар, во нивниот семеен дом, како и во семејните куќи на корисниците на сексуалните услуги. Стапувал во контакт со останатите осомничени – корисници на услугите, го договарал местото, како и надокнадата која била во пари или соодветна количина кокаин.
Додека жртвата била со корисниците, првоосомничениот имал целосна контрола, следејќи ја понекогаш и преку видеоповик, а потоа откако ќе му ги дадела парите или дрогата, ја претепувал, ја горел со цигари и ѝ нанесувал тешки повреди од кои со денови се опоравувала.
„Во однос на определување на мерки за обезбедување на присуство, јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција имајќи ги предвид околностите и тежината на стореното дело, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи определување на мерка притвор за четворица осомничени, додека двајца веќе се наоѓаат во притвор. Судијата го прифати предлогот и определи мерка притвор за сите лица, која мерка за двајца осомничени ќе се применува по нивно пронаоѓање“, соопшти обвинителството.
За кривичното дело што му се става на товар на првообвинетиот, согласно Кривичниот законик запретена е казна затвор во траење од најмалку четири години, додека за корисниците на сексуалните услуги е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години.
С. К. ДЕЛЕВСКА