Приватните здравствени институции ќе мора задолжително да ги отворат нивните бази на податоци за да се следи здравствената патека на секој граѓанин, најави вчера министерот за здравство Азир Алиу.
„Веќе работи комисија кај нас, ако има законски пречки да се отстранат веднаш, наредната недела, и ќе пуштиме писмо до сите приватни здравствени институции од 15. наредниот месец да мора задолжително да ги отворат базите за да може ние да ги агрегираме сите постоечки информации што се таму во нивните институции. Ова е право на државата. Бидејќи секој граѓанин директно или индиректно придонесува кон здравствениот систем во државата и кон Фондот и затоа, ние мора да бидеме во тек со здравствената патека на секој граѓанин на нашата република“, рече Алиу.
Овие најави министерот ги кажа на вчерашната прес-конференција, по минатонеделната изјава на кардиохирургот д-р Сашко Кедев во интервју за Канал 77, дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и непотребни стентирања и операции. Тој не спомна по име ниедна болница. По изјавата, приватната болница „Аџибадем Систина“ побара од него да прецизира за која установа се однесуваат овие тврдења, предупредувајќи дека ако тоа не го стори, ќе поднесе тужба за клевета и нарушување на угледот.
Алиу вчера рече дека се формира комисија со експерти од три различни земји, но не од соседството, за да се направат контроли во приватните здравствени институции, но исто така, ќе се продолжи и во јавните здравствени институции што се занимаваат со истата проблематика.
Алиу кажа дека веднаш по изјавата на професорот Кедев, била креирана интерна комисија во Министерството за здравство, сè со цел да ги анализираат сите можни протоколи и индиции што произлегле од таа изјава.
„И заклучивме како Министерство за здравство да направиме комисија за стручен надзор што ќе се состои од експерти од странство. Кога велиме експерти од странство, сакав таа комисија да биде навистина независна и тој извештај од таа независна комисија да ни е патоказ за понатаму, ако има такви индиции – се потврдуваат истите, да може да се отстранат. Потребен е итен вонреден надзор бидејќи мора да имаме податоци да видиме дали тие индиции се точни и ако се точни, што понатаму. За да нема никаков сомнеж, нула сомнеж, ќе бараме експерти од земји како што се Словенија и другите европски земји. Тоа ќе биде комисија од тројца експерти. Не сакаме од една земја да ги имаме експертите, сакаме од три различни земји“, изјави Алиу.
Б. НЕСТОРОСКА