10 лица од скопските села Грчец и Арачиново се лишени од слобода во денешната голема полициска акција, дел од нив поврзани со пукањето во хотелот „Александар Палас“ на 1 декември, потврдија од МВР, но без да откријат детали. Од МВР рекоа дека дека денеска билe спроведени претреси со судски наредби на 34 локации, при што се запленети патнички моторни возила, пиштоли пушки, муниција, панцирни елеци, преносни копјутери, опрема за видеонадзор, мобилни телефони, пари и прашкаста материја.
- ТРОЈЦА ПУКАЛЕ ВО ГРУПА ОД ПЕТМИНА, МЕЃУ КОИ И ПОЛИЦАЕЦ, ВО СКОПСКИОТ ХОТЕЛ „АЛЕКСАНДАР ПАЛАС“, НЕМА ПОВРЕДЕНИ
- КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ЛИЦАТА ВРЗ КОИ СЕ ПУКАШЕ ВО ХОТЕЛОТ „АЛЕКСАНДАР ПАЛАС“ ОТИ ПРЕТХОДНО СЕ ЗАКАНУВАЛЕ НА ПОЛИЦАЈЦИ
„Со почеток во 5 часот, СВР Скопје во содејство со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за специјални полициски операции и во координација со Основното јавно обвинителство Скопје спроведе координирана полициска акција насочена кон лица можни членови на криминални групи кои делуваат на подрачјето на СВР Скопје, а по документирани кривични дела „предизвикување општа опасност“ и „загрозување на сигурноста спрема службено лице“, како и сомненија за инволвираност во вршење на кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Притоа, врз основа на судски наредби, извршени се претреси на 34 локации во населените места Ѓорче Петров, Грчец, Ченто, Арачиново, Чаир, Бутел, Визбегово, Бардовци, Студеничани и Центар со цел обезбедување и пронаоѓање на материјални докази кои потекнуваат од извршени кривични дела. При претресите биле пронајдени и одземени патнички моторни возила, пиштоли, пушки, рамки за муниција и муниција, куршуми различен калибар, панцирни елеци, преносни компјутери, мемориски стикови, опрема за видеонадзор, мобилни телефони со сим картички, пари во различни апоени, прашкаста материја, предмети со остатоци од прашкаста материја и др. Пред и за време на акцијата, а поради сомнение за инволвираност во наведените кривични дела од слобода се лишени лицата Ф.Л.(47) од с. Грчец, општина Сарај, М.Љ.(38) од с. Грчец, Е.П.(43) од с. Арачиново, Б.А.(34) од с. Арачиново, Ш.М.(28) од с. Арачиново, Ш.М.(34) од с. Арачиново, Ќ.Љ.(28) од с. Грчец, Н.С.(56) од с. Грчец, И.С.(29) од с. Грчец и Ј.С.(30) од с. Грчец“, соопштија од МВР.