ПРОБНО ПУШТЕН АВТОПАТОТ ШТИП-МИЛАДИНОВЦИ, ГОДИНАВА ЌЕ СЕ ВОЗИ БЕСПЛАТНО

    ПРОБНО ПУШТЕН АВТОПАТОТ ШТИП-МИЛАДИНОВЦИ, ГОДИНАВА ЌЕ СЕ ВОЗИ БЕСПЛАТНОНовиот автопат Штип–Миладиновце почна да се гради во 2014 година, а инвестицијата изнесува околу 250 милиони евра со дополнителните трошоци. (Фото: СДК.МК)

    Новиот автопат Штип-Миладиновци веќе е пуштен во пробна употреба. Делницата на патот од Три Чешми до Овче поле функционира неколку месеци, а деновиве почна да се одвива сообраќајот и до Миладиновци.

    Од Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта велат дека новиот автопат е пуштен во пробна употреба, откако се извршени првичните технички приеми, а официјалното пуштање во употреба ќе се случи во мај. До наредната година ќе бидат изградени и патарините кои што со основниот проект не биле предвидени, па бидејќи треба време за измени и тендери, дотогаш граѓаните ќе возат бесплатно. Едната патарина треба да се гради меѓу Кадрифаково и Три Чешми.

    Новиот автопат Штип–Миладиновце почна да се гради во 2014 година. Беа пробиени неколку рокови, па новата власт уште лани најави дека ќе биде даден во употреба до крајот на 2019 година. Инвестицијата изнесува околу 250 милиони евра со дополнителните трошоци.

    Жителите од селата Кадрифаково и Криви Дол покрај кои што минува новиот автопат веќе трета година реагираат на сообраќајните решенија. За да одат за Штип или до Велес мораат да возат по стариот пат. За нив приклучок за автопатот има кај Три Чешми и Овче Поле да каде ќе возат по стариот пат Штип-Велес.

    „Јас и моите соселани досега имаме пратено повеќе од 100 писма до градоначалникот на Општина Свети Николе, до директорот на Државните патишта и до соодветните министри, но никој не нѐ посети, ниту ги прифатија нашите предлози. Во почетокот со овците и крупниот добиток за да ги однесеме на пасиштата моравме да го преминуваме автопатот. Сега, како решение ни се нуди еден тесен подвозник и еден надвозник поради кој се прокопани улиците во селото, узурпиран е приватен имот, проблеми имаат и неколкуте фабрики во селото, а за да се приклучиме на автопатот кој се заградува од двете страни ќе мораме да возиме неколку километри по стариот пат до Три Чешми каде се гради обиколница или да одиме до Овче Поле. Ист е случајот и со жителите од Криви Дол на кои најблиска приклучна станица им е Три Чешми. И двете села сега немаат автобуски постојки“, вели Запро Запров и останатите негови соселани од Кадрифаково.

    Паралелно со пуштањето на новиот автопат, во тек се изградбите и на новите експресни патишта Штип–Радовиш и обиколниците за новите патишта Три Чешми-Кочани и Крупиште Пробиштип.

    „ЈП за јавни патишта и соодветните министерства веќе потпишаа договор ГП ’Гранит‘ да ја продолжи изградбата на обиколницата Три Чешми – Кочани и Крупиште – Пробиштип, пат кој е во катастрофална состојба. Тесен од само неколку метри и оштетен на илјадници места. Ќе се асфалтираат речиси 40 километри нови обиколници и патишта од кои 23 километри ќе бидат кон Кочани и 15 километри кон Пробиштип“, вели градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов.

    Со новите експресни патишта од Кочани и Пробиштип кон Скопје кои ќе бидат поврзани со автопатот Штип-Миладиновци должината ќе се намали за 10 километри, а автопатот Штип–Миладиновци кај Скопје се сведува само на 47 километри и на патниците кои сега патуваат преку Велес или преку Свети Николе и Куманово за Скопје ќе заштедуваат околу 30 километри и исто толку време во минути.

    Експресниот пат Штип – Радoвиш што исто така треба да се спои со новиот автопат за Скопје е во интензивна изградба од страна на изведувачот Штрабаг кој го изгради новиот пат Овче Поле – Велес. Патот Штип- Радовиш во должина од 24 километри треба да биде завршен во текот на наредната година и ќе чини неполни 28 милиони евра вклучувајќи ги и трошоците за архeолошките испитувања што претходно биле направени. Археолошките истражувања се покриени и на делниците кон Кочани.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира