ПРОСЕКОТ НА ДРЖАВНАТА МАТУРА Е ПОВИСОК ОД ЛАНИ, ФАТЕНИ 172 УЧЕНИЦИ КАКО ПРЕПИШУВААТ, РЕЧЕ ЈАНЕВСКА

    ПРОСЕКОТ НА ДРЖАВНАТА МАТУРА Е ПОВИСОК ОД ЛАНИ, ФАТЕНИ 172 УЧЕНИЦИ КАКО ПРЕПИШУВААТ, РЕЧЕ ЈАНЕВСКАМихајловска и Јаневска рекоа дека не биле евидентирани масовни прекршувања на правилата при полагањето како во минатите години. (Фото: К. Попов)

    Просекот од полагањето на државната матура во јунскиот рок за учебната 2024/ 2025 е повисок од ланскиот, односно, просечната оценка е 3,69, што е  подобрување од ланската која изнесуваше 3,26, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

    Јаневска и директорката на Државниот испитен центар Даниела Михајловска, рекоа дека голем дел од учениците испитите ги полагаа во амфитеатри и предавални во најблиските факултети и не биле евидентирани масовни прекршувања на правилата како во минатото.

    „За полагање се пријавија 15.004 матуранти, а 3% од нив не се појавија на испит. По сите предмети имаме подобрување на постигнувањата и тоа сметам дека е плод на добрата подготовка на учениците и препораките кои ги дадовме до сите чинители на процесот“, рече Јаневска.

    Министерката кажа дека не биле евидентирани препишувања како во изминатите години кога цели групи по илјада, две илјади ученици, организирани најчесто преку апликации за комуницирање и со користење на мобилни уреди, имаа до збор идентични одговори.

    „Годинава 172 ученици се обидоа да се надмудруваат со системот, ризикуваа и си го одложија завршувањето на средното образование. Следното полагање започнува во вторник на 12 август“, рече таа.

    Лани беа фатени 268 препишувачи.

    Според Михајловска, по однос на резултатите биле поднесени 507 приговори, а 75 ученици извршиле увид во тестовите.

    Просечниот успех по мајчин јазик е 3,68, за разлика од лани кога изнесуваше 3,37. Просечната оценка по англиски јазик е зголемена од 3,06 на 3,65. Постигањата по математика изнесуваат 4,14 и се подобри од ланските 3,73. Учениците кои полагаа француски јазик остварија просечна оценка од 4,67, повисока од ланската 4,47. По германски јазик просечната оценка е 4,42, за разлика од јуни 2024 година кога изнесуваше 4,33. По естетика просекот е 4,93 и е повисок од ланскиот 4,63. Учениците по филозофија постигнаа просечна оценка 3,71.

    Матурантите кои не положија државна матура, ќе полагаат мајчин јазик на 12 август и странски јазик, математика, естетика и филозофија на 14 август. Полагањето на интерните испити е од 15 до 20 август, а проектната задача треба да ја одбранат во периодот од 19 до 26 август.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира