ПРОТЕРАНИОТ РУСКИ ДИПЛОМАТ СЕ ОБИДЕЛ ДА ДОБИЕ КЛАСИФИЦИРАНИ БЕЗБЕДНОСНИ ИНФОРМАЦИИ, КАЖА ДИМИТРОВ

    ПРОТЕРАНИОТ РУСКИ ДИПЛОМАТ СЕ ОБИДЕЛ ДА ДОБИЕ КЛАСИФИЦИРАНИ БЕЗБЕДНОСНИ ИНФОРМАЦИИ, КАЖА ДИМИТРОВМНР вчера соопшти дека и Македонија протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија поради случајот Скрипал. - Никола Димитров на прес-конференција со австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсл (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека протераниот руски дипломат излегол од својот дипломатски мандат. Според Димитров, станува збор за обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија.

    „Се работи за обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија. Но, должни сме да го заштитиме идентитетот на дипломатот и ќе биде штетно да се шпекулира. Нашите сознанија се потпираат врз цврсти докази и немаме дилеми околу тоа“, рече Димитров на заедничката прес-конференција со австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсл, која денеска е во посета на Македонија.

    Другиот елемент на кој се заснова одлуката за протерување е меѓународен, кажа Димитров, конкретно труењето на поранешниот шпион Сергеј Скрипал со хемиско оружје во Велика Британија и солидарноста што ја побараа нашите сојузници.

    МНР вчера соопшти дека и Македонија протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија поради случајот Скрипал. Како што велат од МНР, одлуката е донесена во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.

    Од Руската амбасада во Скопје велат дека Македонија ќе ги сноси последиците од ваквиот чекор.

    „Исклучително непријателски и со ништо неоправдан чекор кој што е без преседан во руско-македонските односи. Одговорноста за последиците лежи целосно на македонската страна“, реагираше Руската амбасада во Скопје на Твитер.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира