Демонстраните во Куманово кои протестираат поради насилната смрт на 4 годишниот Алмир побараа од политичарите да не ја злоупотребуваат несреќата во политички цели кои можат да доведат до меѓуетнички тензии. Тие побараа и максимална казна за возачот кој намерно го прегазил момчето.
Алмир пред осум дена беше прегазен пред Здравствениот дом Куманово, поради банална расправија на неговите родители и еден кумановец, а почина во петокот.
Семејството на починатото момче не се појави на протестот. И таткото на возачот кој го прегази детето побара неговиот син да биде казнет и исто така повика случајот да не се злоупотребува во политички цели.
По сознанието за смртта на момчето, преку социјалните мрежи се најави денешниот протест организиран од до сега непознато граѓанско здружение. Во текот на денот се појави и видео снимка со вознемирувачка содржина од безбедносна камера која беше пуштена на дел од провладините портали.
Веднаш по инцидентот заседаваше Локалниот совет за превенција во Куманово. На состанокот присуствуваа градоначалникот, претставници од сите политички партии во советот на општина Куманово, МВР и невладини организации, кои го осудија немилиот настан и побараа виновникот да се казни, а на инцидентот да не му се дава етничка димензија.
Возачот кој намерно го прегази момчето е во притвор, а обвинителството побара забрзување на постапката.