Семејствата на настраданите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ денеска го одржаа вториот протестен марш под мотото „Задоцнета реакција“, изразувајќи незадоволство од бавноста на институциите во расветлување на трагедијата.
Маршот симболично започна во 12 часот и 5 минути од Паркот на Револуцијата, алудирајќи на, како што велат, задоцнетата реакција која придонела за несреќата.
Стотици граѓани во тишина се движеа низ градот, поминувајќи покрај Трговскиот центар и кафе-барот чиј сопственик ја поседувал и дискотеката. Потоа, колоната се упати кон Општина Кочани, каде што се сместени и канцелариите на Државниот пазарен инспекторат.
Пред Полициската станица, учесниците со едноминутен молк го искажаа револтот поради, според нив, ненавременото постапување за спречување на катастрофата. Пред Основниот суд и Основното јавно обвинителство, тие побараа информации за текот на истражната постапка. „Бараме отчет за сработеното“ беше пораката што ја извикуваа и која беше испишана на еден од транспарентите.
На маршот беа истакнати и пораки како „Нашите ангели заслужуваат правда“, „Стоп за селективна правда“ и „Ова не е несреќа, ова е убиство“.
Протестот заврши во Паркот на Револуцијата, од каде што семејствата најавија дека ќе продолжат со протестите сè додека не се утврди одговорноста и не се казнат виновниците за трагичниот настан.