Под мотото „Не сме безбедни!“, денеска во Скопје ќе се одржи протестен собир, преку кој, како што најавуваат организаторите, ќе се изрази револт од повторното затајување на институциите, неспремноста и некомпетентноста на полицијата и немањето вистинска волја да се заштитат жртвите на родово базирано насилство, сексуален напад и вознемирување. Протестот ќе се одржи пред Министерството за внатрешни работи, со почеток во 15 часот.
Директниот повод за протестот е случајот на дивиот таксист кој нападна 19-годишна студентка, по што избега од државата.
„Овој случај по илјадити пат укажа на истите недостатоци на институционална поддршка на жртвите кои пријавуваат родово базирано насилство. Во изминатиот период имаме пораст на вакви случаи, како таксисти кои напаѓаат девојки, партнери кои ги претепуваат и пукаат во своите девојки и сексуално уценување на 14-годишно девојче од страна на повеќе мажи, а листата секојдневно се надополнува. Бараме одговорност од надлежните институции, бидејќи не се чувствуваме безбедно во своите градови: ниту на улиците, ниту во училниците, ниту во болниците, ниту во домот“, велат од феминистичката платформа „Медуза“, која го организира протестот.