Договорот за организација на Дигиталниот самит на земјите од Западен Балкан, кој на 18 и 19 овој месец ќе се одржи во Скопје, е склучен по итна постапка со една од трите фирми кои зеле понуди, бидејќи на 30 март била донесена финалната конструкција на буџетот од управувачкиот комитет, кажа Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација.
За организација на дводневниот самит на кој учеството го потврдиле 50 официјални делегации на премиери и министри, како и 400 гости ќе се потрошат 245.000 евра.
„Од буџетот на Македонија ќе се потрошат 79.000 евра, а 166.000 евра доаѓаат од различни помагатели на дигиталниот самит. Од помагателите на самитот 111.000 евра се од компаниите од спонзори и компании кои ќе закупат штанд на експото, 50.000 евра од Советот за регионална соработка со седиште во Сараево, 5.000 евра доаѓаат од ГИС Германската меѓународна фондација за соработка“, кажа Манчевски.
Официјалната програма ќе има четири панел дискусии, кои се за дигитални вештини, сајбер безбедност, за дигитално поврзување и за дигитална опрема и општество.
Манчевски кажа дека самитот ќе се разговара за сите прашања од стратегијата на ЕУ за Западен Балкан во која значајно место има и дигитализацијата, односно за намалување на цените на роамингот, сајбер безбедноста, зголемувањето на дигиталните вештини на граѓаните, меѓусебното дигитално поврзување на земјите од регионот.
„Од самитот очекувам дека сите земји од Западен Балкан ќе излезат со заедничка иницијатива пред Европската комисија за меѓусебно признавање на дигиталните сертификати, тоа значи признавање на дигиталните потписи и печати, односно меѓусебно признавање на документите. Тоа значи царински прегледи на едно застанување, тоа значи многу поволности за граѓаните од сите овие земји. Покрај одлуката за значително намалување на роамингот со земјите од ЕУ и укинување на роамингот со земјите од Западен Балкан ова ќе биде дел од најзначајните прашања“, рече Манчевски.
На самитот ќе присуствуваат премиерите на шесте земји од Западен Балкан, односно Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, како и премиерот на Бугарија, која е претседавач на Европската комисија. Ќе присуствуваат министерски делегации од земјите од Западен Балкан задолжени за дигитализација, како и министерски делегации од земјите учеснички во берлинскиот процес, односно, Англија, Италија, Франција, Австрија, Германија и Словенија.
„Ќе присуствуваат и еврокомесарот Марија Габриел и еврокомесарот Јоханес Хан, претставници на Европската комисија, Советот за регионална соработка, претставници на ИТ индустријата и бизнис секторот, академската заедница и младите. Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини вечерта на 18 надвор од официјалниот дел на самитот ќе организира вечера за сите премиери“, кажа Манчевски.
Македонија го организира првиот дигитален самит на земјите од Западен Балкан, за кој е договорено да се организира еднаш годишно.
Е. БОЧВАРОСКА