Бугарскиот претседател Румен Радев вели дека нема потреба од европски историчари во мешовитата македонско-бугарска историска комисија, нешто што е содржано во португалскиот предлог за решавање на спорот меѓу Бугарија и Македонија.
„Немаме потреба од посредници. Никој не ја познава нашата историја подобро до самите нас“, изјави Радев денеска во Рим, каде што е заедно со македонскиот колега Стево Пендаровски на чествување на светите браќа Кирил и Методиј.
Радев вели и дека комисијата ќе го сработи делот од историјата, но најважно е неопходните чекори да се направат на високо политичко ниво.
„Тие чекори не минуваат низ другите европски престолнини и оттаму да биде вршен притисок врз Бугарија, во никаков случај“, изјави бугарскиот претседател.
Пендаровски рече дека напредок е можен само ако во дијалогот двете држави влегуваат еднакви.
„Сакаме да покажеме дека и на Балканот има луѓе, има политичари кои можат да зборуваат со европски јазик кога зборуваат за нашите актуелни проблеми и предизвици, и се разбира, за нашата иднина. Во колегата Радев овие два дена најдов еден соговорник со кој можеме да разговараме на ист јазик, не зборувам тука за македонскиот и за бугарскиот јазик, зборувам за европскиот јазик, кој единствено може да донесе подобра, посреќна иднина за нашите две држави и за нашите два народи“, изјави македонскиот претседател.
Работата на мешовитата историска комисија е стигната до раниот среден век.