Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова, од собраниската Комисија за избори именувања, чиј претседател е сопартиецот Илија Димовски, предложена е за претседателка на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите. На Рангелова ова и е втор пратенички мандат. Таа е претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и член е на Извршниот комитет на партијата.
Во судскиот процес што го поведе Специјалното обвинителство пред Основниот суд Скопје 1, Рангелова е една од 13-темина обвинети, покрај првообвинетиот Никола Груевски, за насилствата и нарачувањето на шамари врз градоначалникот на Центар Андреј Жерновски во 2013 година.
Обвинета е дека од просториите во Советот на општината, ги координирала по мобилен телефон насилниците кога да „удрат“ врз бараката во која беа таа и останатите советници на прекинатата седница за време на нападот.
Рангелова е една од осомничените и во најновиот случај на СЈО именуван како „Талир“, за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, односно перење пари од донации во износ од 4,9 милиони евра. Во петокот, пред да влезе во СЈО за овој случај, таа рече дека нема никаква вина, а на новинарско прашање како е стекнат имот од пет милиони евра од 2009 до 2015 година, таа одговори: „Не знам јас, прашајте го тој што се стекнал“.
С. К. ДЕЛЕВСКА