РАШКОВСКИ СО КРИВИЧНА ПРОТИВ БОЖИНОВСКИ ОТИ ВО ВЛАДА ВРАБОТИЛ 600 ЛИЦА КОИ НЕ ДОАЃАЛЕ НА РАБОТА

    РАШКОВСКИ СО КРИВИЧНА ПРОТИВ БОЖИНОВСКИ ОТИ ВО ВЛАДА ВРАБОТИЛ 600 ЛИЦА КОИ НЕ ДОАЃАЛЕ НА РАБОТАВо 2015 година бројот на лица кои земале плата, а не доаѓале на работа бил 600 и по објавување на бомбите, како што кажа Рашковски, тие почнуваат да се распределуваат во министерства или општини со градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. - Бившиот и актуелниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски и Драги Рашковски

    Генералниот секретаријат на Владата ќе поднесе кривична пријава против поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски и 60 лица кои биле вработени, а не доаѓале на работа, изјави денеска генералниот секретар Драги Рашковски. Тој кажа дека постојат материјални докази дека овие лица извршиле злоупотреба и го оштетиле буџетот за 824.000 евра и тие ќе бидат доставени до Основното јавно обвинителство.

    „На седум лица им престана работниот однос бидејќи три дена последователно не доаѓаа на работа. Против останатите 60 е поведена дисциплинска постапка и ќе поднесеме кривична пријава. Ним не можеме да им го прекинеме договорот бидејќи доаѓаат на работа или зеле годишни одмори. Имаме докази дека лицата еднаш неделно доаѓале во Владата, се потпишувале и си заминувале“, рече Рашковски на денешната прес-конференција.

    Тој напомена дека во 2015 година бројот на лица кои земале плата, а не доаѓале на работа бил 600. По објавување на бомбите, како што кажа Рашковски, тие почнуваат да се распределуваат во министерства или општини со градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
    „Ќе бараме начин и за овие останати 540 лица да поведеме кривична постапка“ додаде Рашковски.
    Утринава, Антикорупциската комисија одлучи да поведе постапка за три приговори против Генералниот секретаријат на Владата и Агенцијата за вработување поради поведени дисциплински постапки, суспензии и давање откази по распишување на локалните избори.

    Комисијата смета дека во трите поднесени приговори има основ за поведување постапка и ќе бара од Генералниот секретаријат на Влада и до Агенцијата за вработување да им биде доставена целата документација, најдоцна за 15 дена.
    Претседателот на Антикорупциската комисија Игор Тантуровски, на денешната јавна расправа рече дека според Изборниот законик во случај на поднесен приговор за непочитување на одредбите од член 8-а и б од законот, Комисијата е должна да ги испита наводите и да постапи по поднесениот приговор.
    До Антикорупциската комисија досега 32 вработени имаат поднесено приговори против владиниот генерален секретаријат.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира