РАЗРЕШЕНА СУДИЈКАТА ТАТЈАНА МИХАЈЛОВА, КОЈА ДОЈДЕ ПО ПАНЧЕВСКИ И ГИ СПАСУВАШЕ ОД ПРИТВОР ОБВИНЕТИТЕ ОД СЈО

    РАЗРЕШЕНА СУДИЈКАТА ТАТЈАНА МИХАЈЛОВА, КОЈА ДОЈДЕ ПО ПАНЧЕВСКИ И ГИ СПАСУВАШЕ ОД ПРИТВОР ОБВИНЕТИТЕ ОД СЈОСудијата, вели Здравев, разрешена е поради манипулација со електронскиот систем за делење на предмети (Фото:СДК.МК)

    Судскиот совет на денешната седница ја разреши поранешната в.д. претседателка на Основниот кривичен суд Татјана Михајлова за нестручно и несовесно работење. Постапката траеше година ипол, зашто таа не доаѓала на седниците за нејзино „сослушување“ во Советот. Праќала лекарски уверенија дека е болна.

    Во денешната изјава претседателот на Судскиот совет Киро Здравев, поради тајноста на постапката, не го изусти нејзиното име, само кажа дека е разрешена поради кршење на Судскиот деловник во врска со системот за автоматска распределба на судските предмети (АКМИС).

    Уште на судењето против нејзиниот претходник Владимир Панчевски, во доказната постапка беше кажано дека по негова усна наредба, а не преку АКМИС, Михајлова примала судски предмети, како подобна судијка во времето кога СЈО почна кривично да гони поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Првично таа го водеше предметот „Насилство и шамари во Центар“, по нарачка на Никола Груевски и тоа судење под нејзино водство година дена не можеше ни да почне.

    Судскиот совет не кажува дали потоа како в.д. претседател, Михајлова исто така давала предмети на рака кај определени судии кои ги намести со годишниот распоред кога застана на чело на Судот. Децидните причини поради кои е разрешена, ќе се знаат по правосилноста на одлуката, т.е. откако таа би го искористила правото на жалба против разрешувањето, пред Врховниот суд.

    Едното без другото не одат, односно ако претседател на суд реши рачно да распределува предмети, надвор од законот и од судскиот деловник, мора да го намести и распоредот, т.е. да ги тргне неподобните судии и да стави свои, доверливи судии.

    Судиите кои Михајлова ги тргна од кривичниот оддел и од одделот за организиран криминал и корупција и ги испрати подалеку, во судот за прекршоци, се жалеа во Врховниот суд. Врховните судии го турна распоредот на Михајлова и тие се вратија во Кривичниот суд.

    За иста работа беше разрешен и Владимир Панчевски, кој одговараше и кривично. Него велешкиот Основен суд за злоупотреби со АКМИ-Системот, го осуди првостепено на три ипол-годишна затворска казна.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира