РАЗРЕШЕНИОТ ДИРЕКТОР НА НЕВРОЛОГИЈА Д-Р КУЗМАНОВСКИ ЌЕ ПЛАТИ ПАРИЧНА КАЗНА ОТИ 5 МЕСЕЦИ РАБОТЕЛ БЕЗ ЛИЦЕНЦА

    РАЗРЕШЕНИОТ ДИРЕКТОР НА НЕВРОЛОГИЈА Д-Р КУЗМАНОВСКИ ЌЕ ПЛАТИ ПАРИЧНА КАЗНА ОТИ 5 МЕСЕЦИ РАБОТЕЛ БЕЗ ЛИЦЕНЦАПоради работата на проф. д-р Игор Кузмановски како здравствен работник без важечка лиценца за работа, ќе му биде издаден прекршочен платен налог според член 309 став 1 точка 1 од Законот за здравствената заштита; - Д-р Кузмановски на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕна 6 јуни 2020. (Фото: Принтскрин од видео на ВМРО-ДПМНЕ)

    Разрешениот директор на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски ќе плати парична казна (глоба во износ од 500 до 1.000 евра), бидејќи како здравствен работник работел без важечка лиценца за работа, соопшти Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).

    Министерот за здравство Азир Алиу на 10 октомври го разреши д-р Кузмановски, откако на социјалните мрежи се појави видео во кое Кузмановски во домашна атмосфера меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијација за кокаин и разговара со друго лице. На 13 октомври Алиу кажа Лекарската комора го известила оти на д-р Кузмановски му била истечена лиценцата и дека формирал комисии и го известил ДЗСИ да ја провери неговата работа.

    „Се испитува во ‘Мој термин ‘дали во периодот од 15 март, кога му истекла лиценцата, до 8 август, кога станал директор, работел со пациенти“, рече министерот.

    Во врска со работата на проф. д-р Игор Кузмановски како здравствен работник без важечка лиценца за работа ќе му биде издаден прекршочен платен налог според член 309 став 1 точка 1 од Законот за здравствената заштита, но ќе следи и прекршочен платен налог за правното лице и за одговорно лице во правното лице, односно претходниот директор. Претходно директор беше Фатмир Меџити, поранешен министер за здравство.

    „Со решение од Министерство за здравство бр.11-8171/1 од 07.08.2025г. проф. д-р Игор Кузмановски е именуван за в. д. директор на ЈЗУ УК за Неврологија Скопје. Врз основа на решението, од страна на Управниот одбор на клиниката (УО) донесено е решение бр.0402-1885/1 од 21.08.2025г. за мирување на работното место на проф.д-р Игор Кузмановски доктор специјалист-невролог раководител на Оддел за развојна неврологија сметано од 08.08.2025 година. Според календарот на активности во интегрираниот информатички систем Мој термин за сите доктори специјалисти вработени во ЈЗУ УК за Неврологија Скопје за периодот од 01.01.2025г. заклучно со 30.11.2025, се констатира дека д-р Кузмановски обавувал здравствена дејност до 08.08.2025  Со назначувањето на в. д. дирекор не се евидентирани здравстени услуги реализирани од негова страна. Од увидот во персоналното досие утврдено е дека има последна лиценца за работа издадена од Лекарска комора (ЛК) на Република Македонија бр.0009786 со важност до 15.03.2025 година. Од тој датум до денот на назначување на в. д. директор проф. д-р Игор Кузмановски обавувал здравствена дејност“, стои во соопштението од  ДЗСИ.

    Од увидот во персоналните досиеја на останатите доктори, вкупно 33, констатирано е дека сите лиценци се во рок на важност.

    „Во врска со работењето на клиниката е констатирано дека специјалистички извештаи после извршените прегледи кај докторите се оверуваат (со факсимил на докторот и печат на здравствената установа) од страна на административните работници на пултот, што не е во согласност со член 13 од Законот за евиденциите во областа на здравството. За сите констатирани недостатоци во однос на работата на ЈЗУ УК за Неврологија Скопје, ќе биде издадено решение за наредба за отстранување на недостатоците“, вели Инспекторатот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира