РАЗРЕШЕНИОТ ДИРЕКТОР НА НЕВРОЛОГИЈА ИМАЛ МОМЕНТ НА СЛАБОСТ, ВЕЛИ МИЦКОСКИ ПО ВИДЕОТО НА Д-Р КУЗМАНОВСКИ СО КОКАИН

    РАЗРЕШЕНИОТ ДИРЕКТОР НА НЕВРОЛОГИЈА ИМАЛ МОМЕНТ НА СЛАБОСТ, ВЕЛИ МИЦКОСКИ ПО ВИДЕОТО НА Д-Р КУЗМАНОВСКИ СО КОКАИН„Кога ќе ја гледате биографијата на професорот и мој колега, ќе дојдете до заклучок дека има импозантна биографија која што многу ретко ја има, генерално зборувам, на Балканот“, рече денеска Мицкоски на Клиниката за трауматологија. (Фото: Влада на РСМ)

    Премиерот Христијан Мицкоски рече дека разрешениот директор на Клиниката за неврологија д-р Игор Кузмановски имал момент на слабост, откако на 10 октомври на социјалните мрежи се појави видео во кое  Кузмановски во домашна атмосфера меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијација за кокаин и разговара со друго лице.

    „Ако е малце измешано одма ти го враќам, ќе ги фрлам, јас не можам со спид и амфетамини да шмркам бело, само ако не е добро. Сакаш да го пробаш и да кажеш дали е добро“, му вели Кузмановски на соговорникот во видеото.

    Министерот за здравство Азир Алиу по неколку часа од објавувањето на видеото го разреши д-р Кузмановски од функцијата. Министерот рече дека Лекарската комора го известила оти на д-р Кузмановски му била истечена лиценцата, а на новинарско прашање дали ќе му биде продолжена или издадена, рече дека Комората е надлежна за тоа.

    „Тоа што се случи, се случи, и тука не треба да се враќаме назад. Инаку, кога ќе ја гледате биографијата на професорот и мој колега, ќе дојдете до заклучок дека има импозантна биографија која што многу ретко ја има, генерално зборувам, на Балканот. Тоа што на моменти на слабост имал директорот поранешен, претпоставувам дека ќе го следи во текот на неговиот живот, тоа е негова приватна работа, јас тука немам што да кажам. Ние како Влада, тоа што требаше да го направиме, го направивме и реагиравме веднаш откако оној нелегален материјал се појави на социјалните медиуми“, одговори денеска Мицкоски по посетата на Клиниката за трауматологија, на новинарско прашање за тоа дали ќе побара одговорност од Министерството за здравство за случајот.

    Алиу вчера соопшти дека д-р Јован Божиновски е именуван за нов в. д. директор на Клиниката за неврологија.

    „Формирана е комисија од Министерството за здравство, побарав инспекциски надзор за работата на докторот. Се испитува во ‘Мој термин ‘дали во периодот од 15 март, кога му истекла лиценцата, до 8 август, кога станал директор, работел со пациенти. Случајот ќе го испитува и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Повеќе од ова не можам да дадам информации“, рече министерот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира