Регистарот на население не значи дека нема да се прави попис, рекоа денес од Владата, откако на вчерашната седница беше донесена одлука да се изготви „Регистар на население“.
„Регистарот нема врска со пописот. Него ќе го правиме за да го олесниме пристапот на граѓаните до институциите. Ваков регистар имаат 24 земји, во 12 од нив тој го заменува пописот. Но, кај нас во моментов не го доведуваме во таа фаза. Регистарот е едно, пописот е друго. Од соодветната реализација на проектот можно е во иднина да го замени пописот, каков што е случајот со неколку европски земји“, рече портпаролот на Владата Миле Бошњаковски, на денешниот брифинг.
За реализација на овој проект Владата го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за внатрешни работи да усогласат акциски план за спроведување на проектот „Регистар на население“.
Предвидено е до јуни 2018 година, регистарот да биде изготвен.
А. АНТЕВСКА