РЕПУБЛИЧКА ОБВИНИТЕЛКА БАРА ОД ВРХОВНИОТ СУД ДА ГО ПОНИШТИ ОБВИНЕНИЕТО ЗА „ТАЛИР“ ЗА НЕЛЕГАЛНО ФИНАНСИРАЊЕ НА ВМРО-ДПМНЕ

    РЕПУБЛИЧКА ОБВИНИТЕЛКА БАРА ОД ВРХОВНИОТ СУД ДА ГО ПОНИШТИ ОБВИНЕНИЕТО ЗА „ТАЛИР“ ЗА НЕЛЕГАЛНО ФИНАНСИРАЊЕ НА ВМРО-ДПМНЕВо предметот „Талир“, обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски и Леко Ристовски, како и правното лице ВМРО-ДПМНЕ. (Фото: СДК.МК)

    Републичката обвинителка Анита Тополова-Исајловска поднела Барање за заштита на законитоста до Врховниот суд за укинување на решението со кое се одобрува обвинението во случајот „Талир“ на поранешното СЈО за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, објави БИРН.

    Предметот е примен и распределен кај судија известител, откако Тополова-Исајловска, во јуни потпишала барање за вонредниот правен лек, со кој потенцира дека судот требало веднаш да го отфрли обвинението бидејќи е поднесено од неовластен тужител.

    Во нејзиното барање до Врховниот суд се спори дека СЈО е овластен тужител, бидејќи обвинението за „Талир“ било поднесено во ноември 2018 година, а рокот што тимот на Катица Јанева го имаше за поднесување обвиненија од 18 месеци, истекол на 30 јуни 2017 година.

    Обвинителката се повикува на начелниот став на Врховниот суд од 2019 година, според кој, СЈО можеше да подигне „обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци“.

    Таа бара и 106 аудиоснимки и смс-пораки да не бидат докази во предметот.

    Ако врховните судии ѝ го прифатат барањето, тоа значи дека ќе падне случајот.

    Во предметот „Талир“ за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски и Леко Ристовски, како и правното лице ВМРО-ДПМНЕ.

    Како што објави БИРН, обвинителката Тополова-Исајловска е сопруга на екс заменик-министерот за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Исајловски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира