ГИНЕКОЛОЗИ ЌЕ ГИ ЕДУЦИРААТ РОДИТЕЛИТЕ ОД ЦЕНТАР И КАРПОШ ЗА ХПВ ВАКЦИНАТА ШТО ШТИТИ ОД РАК НА ГРЛОТО НА МАТКАТА

    ГИНЕКОЛОЗИ ЌЕ ГИ ЕДУЦИРААТ РОДИТЕЛИТЕ ОД ЦЕНТАР И КАРПОШ ЗА ХПВ ВАКЦИНАТА ШТО ШТИТИ ОД РАК НА ГРЛОТО НА МАТКАТАРодителите се скептични околу тоа ако се вакцинираат девојчињата, дали има потреба од вакцинирање на момчињата, а според гинеколозите, податоците велат дека лицата од машката популација почесто се инфицираат со ХПВ. (Фото: МАГО)

    Родители од скопските општини Центар и Карпош имаа едукативни предавања за придобивките од ХПВ вакцинацијата во второто тримесечје од учебната 2024/2025 година, каде специјалисти по гинекологија и акушерство ги советуваа за природата на ХПВ вирусот, неговите потенцијални последици, вклучително и рак на грлото на матката и важноста од вакцинирање на децата на возраст наведена во календарот за вакцинација.

    Според податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Центар и Карпош имаат најниски стапки на вакцинација против ХПВ, а според гинеколзите, поразително е дека тоа се случува во урбани средини.

    Како што ни рекоа од Македонското здружение на гинеколози и акушери (МАГО), најголемата организација на гинеколози и специјализанти по гинекологија во Македонија, гинеколозите посетиле четири училишта во Општина Центар и две училишта во Општина Карпош.

    „МАГО е посветена не само на континуирана едукација на здравствените работници, туку и на подигање на јавната свест за важноста на здравјето на жените. Веќе има потпишано неколку меморандуми за соработка со клучните институции за да ги постигне своите цели. Потпишавме меморандум за соработка со Општина Центар, а во тек се разговори за финализирање на меморандумот со Општина Карпош. Двете општини се посветени на соработка на иницијативи кои ја промовираат свеста за здравјето на жените“, ни рекоа оттаму.

    Предавањата ќе продолжат и во ова полугодие за да ги опфатат сите училишта во овие две општини, а во иднина и во други општини со пониски стапки на вакцинација.

    Според податоците од Институтот за јавно здравје, општините Центар и Карпош имаат најниски стапки на вакцинација против ХПВ. – Од едукативните предавања (Фото: МАГО)

    За искуството со едукативните средби, од МАГО велат дека на секое предавање споделувале линк со детални информации за ХПВ вакцината од веб-страницата на МАГО за да стигнат до останатите родители со научно докажаните информации. За тоа како реагирале родителите на тие состаноци и што коментирале, од МАГО велат:

    „Родителите се особено важна целна група во општеството, која, за жал, како да е занемарена од системот. Многумина родители се борат да најдат сигурни, професионални и разбирливи информации за критичните здравствени проблеми што ги засегаат нивните деца. Честопати, тие се под влијание на социјалните мрежи и други непроверени извори, што ги остава збунети или несигурни за најдобриот начин на дејствување“.

    На состаноците, родителите поставувале многу конкретни прашања, како што се: Доколку дете примило 4-валентна вакцина, дали може да прими и 9-валентна вакцина? (Да, може); Зошто вакцинацијата против ХПВ се спроведува во седмо одделение или 12-годишна возраст и нели е тоа рано? (Вакцинацијата се препорачува да се спроведе пред стапување во сексуални односи и со вакцинирањето на помала возраст се стекнува подобар имунолошки одговор на организмот); Колку долго трае заштитата од вакцината? (Досегашните истражувања велат дека титарот на антителата во крвта е задоволителен и повеќе од 15 години по апликација); Дали со вакцината може детето да се зарази со вирусот? (Вакцината не го содржи вирусот, таа содржи антигени или честички слични на вирусот кои го поттикнуваат имунолошкиот систем да произведува антитела); Какви нуспојави има од вакцината? (Најчести нуспојави се болка, црвенило и оток на местото на убодот, покачена телесна температура, главоболка, замор, мачнина, болка во мускули или зглобови).

    Родителите прашувале и дали после вакцината детето може да добие „погрешна“ порака во однос на „слободно“ сексуално однесување, а гинеколозите велат дека од спроведените истражувања досега нема поврзаност помеѓу вакцинацијата и пораното стапување во сексуални односи, но има поврзаност со подобра информираност, освестеност и одговорност за ризиците од сексуално преносливи инфекции и незаштитени односи.

    Вакцината, според календарот, може да ја примат и момчиња и девојчиња на возраст од 12 до 15 години, а ако се задоцни, може најдоцна да се прими до 18 години, односно до крајот на средното образование. Ако се прими на возраст од 12 до 15 години, се дава во две дози, а после 15 години во три дози.

    Родителите се скептични околу тоа ако се вакцинираат девојчињата, дали има потреба од вакцинирање на момчињата. Според гинеколозите, податоците велат дека лицата од машката популација почесто се инфицираат со ХПВ и тоа секој трет маж над 15-годишна возраст има ХПВ, а секој петти има високо ризичен ХПВ.

    „Иако некои родители првично беа скептични, ние сме оптимисти дека информациите презентирани на нашите предавања помогнаа да се одговори на нивните грижи и да се поттикне информирано донесување одлуки во врска со вакцината против ХПВ“, велат од МАГО за САКАМДАКАЖАМ.МК

    Б. НЕСТОРОСКА

    МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА:

    СЛЕДЕТЕ ГО И НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира