РОКОТ ЗА ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД ПРОДОЛЖЕН ДО 2021 ГОДИНА, НЕ СЕ ЗНАЕ КОЛКУ ЌЕ ЧИНИ

    РОКОТ ЗА ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД ПРОДОЛЖЕН ДО 2021 ГОДИНА, НЕ СЕ ЗНАЕ КОЛКУ ЌЕ ЧИНИ„Изградбата мора да продолжи оти над 50 проценти од автопатот е изграден. Не би сакал да шпекулирам колку ќе чини анексот за доградба бидејќи станува збор за милиони евра“, рече денеска министерот Горан Сугарески.(Фото: Министерство за транспорт и врски)

    Рокот за изградба на автопатот Кичево-Охрид е продолжен до 2021 година, но уште не се знае колку дополнително пари ќе се потрошат поради утната траса.

    Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска кажа дека на вчерашната владина седница донесена е одлука да се склучи анекс на договорот за изградба на автопатската делница Кичево- Охрид со продолжување на рокот односно крајниот рок да биде 30 јуни 2021 година.

    „Овој анекс се однесува само за продолжување на рокот. Не се однесува за дополнителните средства бидејќи сè уште се прават сеопфатни анализи колку би чинел дополнително. Најпрво е потребно да се изврши допроектирање на сите работи што претходно ги спомнав и потоа стручен тим во соработка со надзорниот орган ќе даде конкретна дополнителна цена на чинење на автопатот. Изградбата мора да продолжи оти над 50 проценти од автопатот е изграден. Не би сакал да шпекулирам колку ќе чини анексот за доградба бидејќи станува збор за милиони евра. Секако дека изградбата би чинеле многу помалку ако во старт се отстранеле пропустите“, рече министерот Сугарески.

    Рокот за доизградба на автопатот Кичево-Охрид е продолжен поради неусогласеност на проектната документација со реалните услови на теренот како и променливата геологија на теренот која не одговара со геологијата предвидена во проектот. Поради тоа како што кажа министерот Сугарески потребно е препроектирање на тунелското решение, препроектирање на сите усеци, препроектирање на повеќе вијадукти, мостови, потпорни ѕидови, натпатници, потпатници, комплетна проектна документација за девет клучки и изработка на проекта документација за позиции кои не биле предвидени во основниот проект а морале да се предвидат заради неопходно и правилно функционирање на автопатот.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари