САД се партнери на Македонија 25 години и Македонија добила поддршка од четири различни администрации на САД, кажа американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли додека се чекаа финалните резултати од американските претседателски избори, на кои победи републиканскиот кандидат Доналд Трамп.
Во хотелот „Александар Палас“, каде во организацијата на американската амбасада се следеа изборните резултати, тој додаде дека избирањето претседател е сериозна работа која влијае на економијата, здравствениот, образовниот систем, емиграцијата и на надворешната политика.
„Сите читавме дека ова беа највалканите и најнеизвесните избори досега, но не сум баш сигурен во тоа. И досега сме имале неизвесни трки. Никогаш не било полесно од сега да се биде информиран гласач. И со сите овие информации има негативна страна, се шират многу шпекулации. Американските граѓани сакаат свет на мир и на можности, затоа постизборниот период е време да се собереме, време да ги тргнеме чуствата настрана и време на патриотизам. Сега треба да се фокусираме на формирање нова администрација“, рече Бејли.
На крајот Бејли ги поздрави сите кандидати што се осмелиле да влезат во трката, но и неговите сограѓани кои излегле и го дале својот глас.