САКАМЕ ДА ИЗГРАДИМЕ ОБЈЕКТ СО ПЕТ ОПЕРАЦИОНИ САЛИ НА ПАРКИНГОТ ДО СТАРАТА ГРАДСКА БОЛНИЦА, НО КОНЗЕРВАТОРСКИ ЦЕНТАР НЕ ДОЗВОЛУВА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ Д-Р АРСЕНКОВ

    САКАМЕ ДА ИЗГРАДИМЕ ОБЈЕКТ СО ПЕТ ОПЕРАЦИОНИ САЛИ НА ПАРКИНГОТ ДО СТАРАТА ГРАДСКА БОЛНИЦА, НО КОНЗЕРВАТОРСКИ ЦЕНТАР НЕ ДОЗВОЛУВА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ Д-Р АРСЕНКОВПред новинарите, премиерот Ковачевски и министерот за здравство Меџити, д-р Арсенков го презентираше проектот, за кој вели дека е од голем интерес за македонското здравство. (Фото: К. Попов)

    На Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје ѝ се потребни уште простории, зградата е стара 93 години, секое ќоше го искористивме, рече денеска директорот д-р Љубен Арсенков на промоција на нова опрема.

    Пред новинарите, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за здравство Фатмир Меџити, д-р Арсенков го презентираше проектот, за кој рече дека е и негова и желба на сите вработени, и е од голем интерес за македонското здравство.

    Болницата, позната како Стара Градска, почнала да се гради во 1931 и е дело на хрватскиот архитект Драго Иблер. Според Википедија, објектот на Градската болница долго време бил под заштита на Конзерваторскиот центар од Скопје како градителско наследство (со акт од 1996 година).

    Директорот кажа дека се работи за доградба во делот на паркингот, со тоа што со топол премин би била поврзана до самата установа. Додаде дека топлиот премин би служел како настрешница, која во моментот недостасува и за да ги запазат еколошките моменти, на крај би завршиле горе на покривот со зелен покрив.

    „Верувајте толку е голема функционалноста на оваа работа што би ја направиле, пет операциони сали со сите светски стандарди е спас за македонската хирургија. Преоптеретени се сите сали, ќе добиеме други простори во болницата. Зградата е стара 93 години, што и да правиме овде не можеме веќе. Секое ќоше го искористиве.
    Но, има мал проблем, верувам министерот ќе се заложи. Конзерваторски центар не ни дава да го споиме ова со зградата затоа што е заштитена како архитектонски објект. Ова ви го покажувам денеска, да прикажеме дека е од особено значење за јавниот интерес. Не ја грди зградата, не нарушуваме ништо“, рече д-р Арсенков.

    Премиерот Ковачевски искоментира: „Кажете им во Конзеваторски дека пред Лувр има стаклена пирамид“, а министерот Меџити кажа дека следната недела ќе се сретне со директорите на Болницата и верува после изборите тоа ќе се изведе и дека е завршена работа.

    Болницата денеска доби современ апарат за литотрипсија и нов апарат за мамографија со томосинтеза и стереотактична биопсија на дојка.

    Од денешната презентација на нова опрема. (Фото: К. Попов)

    „Воведуваме патологија која досега не можеше да се третира во оваа установа, а со тоа се врши и проширување на спектарот на процедури кои можеме да им ги понудиме на пациентите.
    Се очекува годишно да се третираат стотина пациенти со оваа патологија, кои по интервенцијата би се задржале само еден ден, или пак, истиот ден би се пуштале дома, што е голем бенефит за пациентите, а секако и за здравствената установа“, рече Меџити.

    Го промовираа и новиот апарат за мамографија со томосинтеза и стереотактична биопсија на дојка, инсталиран во новиот оддел за радиодијагностика во кој имаме два кабинети за дојка.

    Инсталиран е и нов ултразвучен ехо колор доплер за ехо на дојка, со што истовремено ќе се врши мамографија и ехо на дојка.

    „Користењето на томосинтезата како дополнителна алатка при скрининг ги зголемува стапките на откривање канцерогени промени, со што се подобрува ефикасноста на програмите за скрининг за рак на дојка“, кажа министерот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира