Вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК по враќањето на фудбалските репрезентативци во Скопје одговори на прашањете што ѝ го пративме претпладнево, дека патните трошоци и сместувањето, како и билетот за натпреварот Италија-Македонија си ги платила сама.
Репрезентативците слетаа попладнево со чартер лет на Кроација ерлајнс изнајмен од скопска туристичка агенција.
„Сакам да им честитам на нашите фудбалери и на сите граѓани кои се радуваат на победите на нашата држава за многу значајната победа над Италија. И да посакам, иста таква победа да оствариме и во Португалија. Секако дека трошоците поврзани со следењето на натпреварот (на овој и на другите), сама ги покривам. Да се радуваме заеднички на овој и тоа како значаен успех!“, вели обвинителката Фетаи.
Синоќа (четврток) министерот за правда Никола Тупанчевски, Фетаи и претседателот на Основниот суд Кавадарци Лазар Нанев беа во ложата на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо. Тројцата беа прикажани во кадар каде се еуфорични по голот на Александар Трајковски во 90-та минута, со кој Македонија триумфира врз Италија во поуфиналето од плејофот за пласман на Светското првенство во фудбал во Катар, во декември оваа година.
Бидејќи станува збор за избрани и именувани лица, САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати кај претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска, која вели дека тие самите треба да си кажат кој им ги платил трошоците за следење на македонската фудбалска репрезентација.
„Ако службените лица не патувале во рамки на своите службени должности, сами нека си објават кој им ги подмирил трошоците за патување“, вели Ивановска.
Судијата Нанев и министерот Тупанчевски не одговорија на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали сами си ги платиле авионската карта, картата за натпреварот и сместувањето во Палермо.
С. К. ДЕЛЕВСКА