САМО СО 95 ОТСТО ОПФАТ НА ВАКЦИНИРАНИ МОЖЕ ДА СЕ ОБЕЗБЕДИ КОЛЕКТИВЕН ИМУНИТЕТ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ

    САМО СО 95 ОТСТО ОПФАТ НА ВАКЦИНИРАНИ МОЖЕ ДА СЕ ОБЕЗБЕДИ КОЛЕКТИВЕН ИМУНИТЕТ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕВакцините кои се користат во нашата држава се произведени во земјите членки на ЕУ, со два сертификати за квалитет: од производителот и од контролна лабораторија. - Министерот за здравство Венко Филипче (Фото: Министерство за здравство)

    Министерот за здравство Венко Филипче апелираше родителите да ги вакцинираат децата, бидејќи само така заштитуваат од заразни болести и само така може да се спречат епидемии. Тој ова го кажа на работилницата „Перспективите и предизвиците во имунизацијата“, во организација на Светската здравствена организација и семејна медицина.

    „Според последните податоци од Институтот за јавно здравје вкупниот број на вакцинирани деца на возраст до 14 години од почетокот на епидемијата со морбили изнесува 27.248. Од нив, 14.541 дете е вакцинирано во Скопје, додека пак 12,707 деца се вакцинирани во останатиот дел од државата. Од медицинскиот персонал досега се вакцинирани вкупно 1.246 здравствени работници“, рече Филипче.

    Според него, вакцините кои се користат во нашата држава се произведени во земјите членки на ЕУ, со два сертификати за квалитет: од производителот и од контролна лабораторија. Но, исто така одобрени се и од Светската здравствена организација. Тој рече дека само со 95 отсто опфат на вакцинирани може да се обезбеди колективен имунитет.

    „Еден од главните приоритети на Министерството за здравство за оваа година е комплетно осовременување на Календарот за имунизација, со воведување на 2 нови вакцини, кои заштитуваат од пневмокок и од рота вирус, кои се причинители на тешки заболувања проследени со компликации кои најчесто се јавуваат кај малите деца до 5 годишна возраст. Новиот календар е комплетно усогласен со препораките на СЗО, во областа на имунизацијата“, рече Филипче.

    На работилницата беше потенцирана потребата секој здравствен работник да го провери својот вакцинален статус и доколку нема комплетна вакцинација тоа може да го направи во центрите за јавно здравје. Вакцинацијата е значајна здравствена, социјална и економска придобивка.

    „Досега болни од мали сипаници се регистрирани 1.625 пациенти и според епидемиолозите ова е најголема бројка на заболени од морбили во последните 25 години. Никој нема право да го загрозува јавното здравје, ниту пак некој со своја волја има право да го загрозува правото детето да биде здраво“, рече Филипче.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира