Сашо Мијалков, осомничен во истрагата „Империја“ за перење пари е осуден на три години ефективен затвор откако денеска призна вина во спогодба со обвинителката за организиран криминал и корупција Лиле Стефанова, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.
Деновиве, судија за извршување на санкции треба да му даде упатен акт за во затвор, а на Мијалков му се конфискува недвижен имот од околу 30 милиони евра во корист на државата. Ќе му се конфискуваат и шест милиони евра готовина.
Од почетокот на месецов, на отслужување на едногодишната затворска казна за „Империја“ е Орце Камчев, кој исто така призна вина и се спогоди со Стефанова.
Истрагата „Империја“ беше отворена во 2018 за кривичните дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело. Бизнисменот Камчев и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков беа првоосомничени, а осомничени се уште 11 други лица, меѓу кои и газдата на „Пелистерка“ Цветан Панделески.
С. К. ДЕЛЕВСКА