Директорот на Драмски театар Сашо Тасевски побара од партијата ГРОМ на градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски да го плати долгот од 50 илјади денари што партијата го направила за изнајмување на Театарот. Јакимовски вели дека не е запознаен дека неговата партија има долг кон Драмски, но ако должат, сѐ ќе си платат.
Долгот се однесува за две изнајмувања на Драмски театар за собирите на партијата ГРОМ, еднаш во 2014 година и втор пат на почетокот на 2017 година.
Тасевски, на својот Фејсбук профил напиша: „Фино ја молам една важна политичка партија од Карпош, која по кафани остава минимум две илјади евра у месец, да го плати долгот кон Драмски театар за изнајмување сала. Оти не може да се оди на избори и да се ветува, а да му се должат на еден театар 50 илјади денари. ШИФРА: ГРОМ и пакао“.
Јакимовски за САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека партијата си има свој сметководител кој ги води финансиите.
„Не знам јас за ваков долг, но ако имаме, ќе си платиме. Што се буни Тасевски, нека провери партијата што го постави за директор колку пари должи. Тие се најголеми должници, сѐ ставија под хипотека за да земат кредити, дури и објекти кои им се оставени од времето на Тито“, ни рече Јакимовски.