Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска ја претстави новата дигитална платформа „М.И.Ц.К.О“ (Македонски Истражувачки Центар за Корупција и Организиран Криминал), за која од опозициската партија велат дека е активна од денеска и служи како алатка за пријавување и архивирање на случаи поврзани со криминал и корупција.
Платформата е достапна на веб-адресата micko.mk.
Членот на Централниот одбор на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција рече дека платформата е посветена на истражување и архивирање на јавно достапни материјали, како и извештаи за наводни корупциски операции.
„Истражуваме случаи, длабински прегледуваме тендери, медиумски објави или случаи на корупција, вклучително и проверени судири на интерес и останати сомнителни операции во политиката, јавниот сектор, локалните и државните институции. Ги архивираме податоците и креираме регистар на наводни случаи“, рече Димитријевиќ.
Од партијата велат дека платформата овозможува простор каде што може да се внесат информации и директно да се прикачат документи, а пријавувањето може да биде и анонимно.
„Ги повикуваме сите граѓани, невладини организации, истражувачи, новинари и медиуми да ни се приклучат. Ние сме вашиот глас. Сите ќе одговараат, од прв до последен“, додаде Димитријевиќ.



