СДСМ ЌЕ МУ ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА НА МИЛОШОСКИ, ОБЈАВИЛ КЛАСИФИЦИРАНИ ДОКУМЕНТИ ДОБИЕНИ ОД КАБИНЕТОТ НА ИВАНОВ

    СДСМ ЌЕ МУ ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА НА МИЛОШОСКИ, ОБЈАВИЛ КЛАСИФИЦИРАНИ ДОКУМЕНТИ ДОБИЕНИ ОД КАБИНЕТОТ НА ИВАНОВЗа денес е закажана продолжението на седницата на Комисијата за надворешни прашања, на која министерот за надворешни работи треба да реферира за досега сработеното. - Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски и министерот за надворешни работи Никола Димитров се поздравуваат на вчерашната седница на Комисијата. (Фото: К. Попов)

    СДСМ најави дека ќе поднесе кривична пријава против пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски и едно лице од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов за оддавање на државна тајна.

    „Милошоски со тоа што изнесе детали од Извештајот од лидерски средби одржани кај претседателот на државата Ѓорге Иванов, односно читаше делови, кои ги добил од Кабинетот на претседателот Иванов, а се класифицирани како државна тајна, директно го прекршува Кривичниот законик. Пратеникот Милошоски и тој што го доставил извештајот ќе им бидат поднесени кривични пријави за оддавање државна тајна“, рече пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири, на вчерашната прес-конференција.

    Во Кривичниот законик за оддавање на државна тајна предвидена е казна затвор од една до пет или од една до десет години.

    За денес е закажана продолжението на седницата на Комисијата за надворешни прашања, на која министерот за надворешни работи Никола Димитров треба да реферира за досега сработеното.

    Пратеникот Милошоски, како претседател на собраниската Комисија за надворешна политика не му дозволи на вчерашната седница на министерот за надворешни работи Никола Димитров да реферира за досега сработеното. Милошоски рече дека не може да се одржи седницата без да бидат разгледани класифицираните документи за ставовите на министерот за надворешни работи Никола Димитров и на премиерот Зоран Заев на две средби кои се одржале кај претседателот на државата Ѓорге Иванов.

    Милошоски, тврдеше дека записниците до средбите треба да им се поделат на пратениците кои имаат безбедносен сертификат. Тој рече дека биле ископирани документите за да бидат поделени на пратениците, но со усна наредба, претседателот на Собранието Талат Џафери забранил да се подели материјалот на пратениците, кои Милошоски ги обезбедил од Кабинетот на Иванов.

    Тврдењето на Милошоски дека Џафери забранил да се поделат материјалите, и читањето на дел од записниците, класифицирани како државна тајна, предизвика кавга меѓу власта и опозицијата. Седницата беше неколку пати одложувана. ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта дека крие важи информации од граѓаните пред референдумот, дека ставовите на Димитров и на Заев на двете средби кај Иванов имале различни ставови, посебно на средбата каде се разговарало за предлогот Република Илинденска Македонија. Власта ја обвини опозицијата дека сака да прави спектакли и да купи некој ситен партиски поен кај граѓаните.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира