СЕ БАРА НАЧИН ДА БИДЕ БЕСПЛАТЕН ХПВ СКРИНИНГОТ КОЈ ЧИНИ ОД 700 ДО НАД 3.000 ДЕНАРИ

    СЕ БАРА НАЧИН ДА БИДЕ БЕСПЛАТЕН ХПВ СКРИНИНГОТ КОЈ ЧИНИ ОД 700 ДО НАД 3.000 ДЕНАРИСветската здравствена организација која го препорачува ХПВ тестирање како примарен скрининг метод за рак на грлото на матката - самостојно или во комбинација со ПАП тестови.(Фото: К. Попов)

    ХПВ базираниот скрининг сѐ уште е во рамките на пилот студија на Клиника за гинекологија и акушерство (ГАК), но Министерството за здравство во соработка со Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) и други релевантни чинители континуирано се залагаат да најдат средства со кои ќе се овозможи ХПВ скринингот да биде бесплатен и лесно достапен за секоја девојка и жена во нашата држава, велат од МАГО за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Со упат од матичен гинеколог, ХПВ тестот чини 700 денари, а во приватните лаборатории над 3.000 денари.

    „Македонија, како и останатите земји во светот често ги засноваат своите здравствени политики и програми врз основа на препораките од меѓународни здравствени организации, како што е Светската здравствена организација (СЗО) која го препорачува ХПВ тестирање како примарен скрининг метод за рак на грлото на матката – самостојно или во комбинација со ПАП тестови“, додаваат од МАГО.

    Проф. д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво, на настан во февруари 2023 говореше дека ХПВ тестирањето треба да се воведе како примарен скрининг, оти има точност од 99, 99 отсто.

    Министерството за здравство лани донесе одлука со која бесплатен ПАП- тест следува не еднаш годишно, како што беше досега, туку отсега ќе биде на три години.

    На нашето прашање зошто гинеколозите препорачуваат ПАП тестот да се прави на 3 години, кога сме земја со ниска здравствена култура, па уште и да не одат еднаш годишно на ПАП тест, од МАГО ни одговорија дека препораката за ПАП тестот на секои три години доаѓа од опширни истражувања кои покажаа дека ракот на грлото на матката обично напредува бавно, честопати потребни се години за да се развие.

    „Од опширните истражувања, извлечен е и заклучок дека редовните ПАП тестови на секои три години ефикасно ги откриваат преканцерозните промени на грлото на матката доволно рано за да го спречат развојот на рак на грлото на матката. Во однос на вториот дел од прашањето, сметаме дека тригодишните препораки за ПАП тестот можат позитивно да влијаат на земјите со ниска здравствена култура преку подобрување на пристапот до скрининг, оптимизирање на ресурсите за здравствена заштита и адресирањето на системските предизвици, но само доколку заедно се залагаме за силно промовирањето на здравствената едукација и кампањи за подигање на свеста кои се клучни за реализација на целосните придобивки од напорите за превенција од рак на грлото на матката“, велат од Асоцијацијата.

    Министерот за здравство Илир Демири и претседателката на Националниот комитет за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова на 15 април најавија дека во мај на вакциналните пунктови во Македонија ќе биде достапна деветвалентната вакцина против ХПВ.

    Во Македонија вакцината се користи од 2008, а од 2009 е воведена во Календарот за задолжителна имунизација, кој со оваа вакцина се осовременува. Досега се користеше четиривалентната, а сега е надополнета со пет серотипови, со кои, вели , вели д-р Грозданова, се зголемува ефикасноста на оваа вакцина.

    Вакцината, според Календарот, може да ја примат и момчиња и девојчиња на возраст од 12 до 15 години, а ако се задоцни, може најдоцна да се прими до 18 години, т. е. до крајот на средното образование. Ако се прими на возраст од 12 до 15 години, се дава во две дози, а после 15 години во три дози.

    „Од клучно значење е и за момчињата и за девојчињата да ја примат ХПВ вакцината. Вакцинирањето на момчињата помага да се намали преносот на ХПВ (хуман папилома вирусот) и да се обезбеди директна заштита од ракот поврзан со ХПВ кај двата пола. Со вакцинирање на момчињата, како и на девојчињата, можеме да постигнеме повисоки нивоа на имунитет кај целото населението. Истовремено, вакцинирањето и на момчињата и на девојчињата ја промовира родовата еднаквост во здравството. Обезбедува двата пола да имаат еднаков пристап до заштита од болести поврзани со ХПВ и ја зајакнува пораката дека спречувањето на ХПВ инфекцијата е важно за секого, без разлика на полот“, апелираат од МАГО.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира